САД стравуваат дека проблемите со снабдувањето со гас може да го поткопаат единството на ЕУ против Русија

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден стравува дека недостигот на гас предизвикан од намалените испораки од Русија може да го поткопа единството на Европската унија против Москва, објави CNN цитирајќи американски официјални претставници.

Според еден од изворите, американскиот претседателски координатор за глобална енергија Амос Хохштајн заминал во Париз и Брисел за да разговара за американско-европско планирање за вонредни ситуации во случај на недостиг од гас во текот зимата.

„Влијанието врз Европа може да се врати како бумеранг врз САД, зголемувајќи ги цените на природниот гас и електричната енергија“, објави CNN повикувајќи се на неименуван американски функционер. „Тоа ќе биде и голем тест за европската отпорност и единство против Русија.

Оваа сдмица Вашингтон, исто така, има намера да разговара со Европа за начините за зголемување на производството на нуклеарна енергија. Особено, Соединетите држави се надеваат дека ќе ја убедат германската влада да ги одложи своите планови за постепено укинување на употребата на нуклеарна енергија и да ја продолжи работата на своите три нуклеарни централи.

Во понеделникот рускиот енергетски гигант „Газпром“ објави дека мора да ја прекине работата на уште една турбина произведена од германски „Siemens“ бидејќи стигнала до својата точка за критична поправка. Ова ќе резултира со пад на капацитетот на компресорската станица „Портоваја“ на речиси половина, од 67 на 33 милиони кубни метри дневно. На тоа минатата недела предупреди рускиот претседател Владимир Путин.

Гасоводот Северен тек 1 работи со само 40 отсто капацитет, или 67 милиони кубни метри дневно, од средината на јуни поради одложеното враќање на турбината на „Siemens Energy“ испратена за поправка во Канада. По многубројните барања од Германија, Канада се согласи да ја врати поправената турбина на 9-ти јули, но до ноќта на 24-ти јули руската страна ја немаше добиено целосно комплетната документација. Од „Газпром“ велат дека сè уште има нерешени прашања во врска со санкциите на ЕУ и Велика Британија, кои мора да се решат пред турбината да биде испорачана и инсталирана во Русија и други турбини да бидат испратени за поправки.

Европската комисија тврди дека санкциите на ЕУ против Русија не ја покриваат опремата за транзит на гас.