Украина треба да размисли за намалување на старосната граница за воена служба за своите војници на 18 години, изјавил во средата висок претставник на американската администрација, притискајќи го Киев да ги зајакне своите борбени сили во војната на земјата со Русија, пишува Reuters.
Зборувајќи за новинарите, функционерот рекол дека Украина не мобилизира или обучува доволно нови војници за да ги заменат убиените и ранетите на бојното поле.
„Најголема потреба е живата сила. Русите навистина напредуваат, постојано напредуваат на истокот и почнуваат да ги потиснуваат украинските линии во Курск… Мобилизацијата и повеќе жива сила би можеле да направат значајна разлика додека гледаме на бојното поле денес“, појаснил американскиот функционер.
Руските сили остваруваат на предувања во Украина со своето најбрзо темпо од раните денови на инвазијата во 2022 година, освојувајќи половина од Лондон во текот на изминатиот месец, проценуваат аналитичарите и воените блогери оваа седмица.
Во април, украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша закон со кој се намалува старосната граница за мобилизација за борбена должност од 27 на 25 години. Ова го зголемува бројот на цивили кои војската би можела да ги мобилизира, според воената состојба којашто е на сила откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е силен поддржувач на Украина, но таа поддршка може да опадне кога новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата во јануари.
Трамп го избра Кит Келог, пензиониран генерал-полковник кој му го претставил планот за ставање крај на војната во Украина, за свој специјален пратеник за Украина.
Во меѓувреме, додека претседателот Џо Бајден е сè уште на функцијата, Соединетите држави ќе продолжат да го снабдуваат Киев со стотици илјади артилериски гранати, илјадници проектили со различни дострели, стотици возила и системи за оружје за поддршка на борбените операции, како и противвоздушни пресретнувачи, изјави висок претставник на администрацијата на претседателот во заминување.
„Недостигот од муниција и возила не е најкритичниот проблем со кој се соочува Украина. Тие сега имаат здрави резерви на клучни алатки, муниција и оружје што им се потребни за да успеат на бојното поле… Но без низа нови единици, постојните единици кои херојски се борат на првите борбени линии не може да се ротираат за да се одморат, да се подготват, да се увежбуваат и да се преопремуваат“, заклучил неименуваниот соговорник.
Извор од кабинетот на украинскиот претседател Володомир Зеленски рекол дека земјата го нема она што е потребно за да ги опреми трупите што ги мобилизира сега.
„Во моментов, со нашите сегашни напори за мобилизација, немаме доволно опрема, на пример оклопни возила, за поддршка на сите војници што ги повикуваме. Не можеме да ги компензираме доцнењата на нашите партнери во донесувањето одлуки и веригите на снабдување со животите на нашите војници и на најмладите од нашите момчиња“, рекол украинскиот соговорник.
Американските власти признаваат дека мобилизирањето помлади војници е политичко оптоварување за владата на Зеленски и разгледувана е опцијата Украина да понуди стимулации за помладите луѓе да се пријават во вонредните кампањи за регрутирање, рекол друг функционер.