САД тестираа интерконтинентален проектил

Американските воздухопловни сили изведоа уште еден тест на интерконтиненталниот балистички проектил „Minuteman III“, објави во четвртокот телевизијата Fox News.

Според прилогот на телевизијата, последното лансирање на споменатиот тип проектил било изведено доцна ноќта во вторникот од базата Ванденберг на југот од американската сојузна држава Калифорнија. Ракетата не била опремена со боева глава, а се додава дека лансирањето било успешно откако проектилот ја погодил зададената цел. Повеќе поединости за ова пробно лансирање не се даваат.

Претходно успешно лансирање на проектилот „Minuteman III“ беше изведено во април годинава. На почетокот од август американската војска го запре лансирањрто на ракетата од базата Ванденберг поради „недостаток кој може да вклучува и непредвиливи случувања во текот на тестирањето“.

Тристепената интерконтинентална балистичка ракета е во склопот на копнените проектили од типот „Minuteman“, коишто првично биле наменети за нуклеарно воздржување во времето на Студената војна со поранешниот Советски сојуз.

Во момнетов ракетите „Minuteman III“ се единствените копнено базирани интерконтинентални балистички прокетили во состав на вооружувањето на САД. Според последните информации од отворени извори, Вашингтон поседува 450 ракети од типот „Minuteman III“, коишто ќе бидат во употреба најмалку до 2020 година.

Овој тип проектили се во составот на американската армија од 1970 година, а нивното производство е запрено кон крајот на 1978 година. Ракетата е способна да погоди цели во радиус од 12.000 километри.