Осумнаесетгодишното момче коешто во понеделникот неселективно уби три лица во градот Фармингтон во американската сојузна држава Њу Мексико легално ја купил автоматската пушка којашто ја користел во нападот, соопштија во вторникот локалните власти.
Момчето, чиј напад е завршен откако го застрела полицијата, идентификувано е како Бо Вилсон, а станува збор за средношколец од градот Фармингтон кој се наоѓа на околу 290 километри северозападно од Албукерки, изјави заменикот на началникот на полицијата Кајл Доуди.
„Се чини дека активностите на осомничениот биле неселективни и немале конкретни цели или мотиви коишто можеме да ги идентификуваме во овој момент“, рече Доуди додавајќи дека ништо не укажува на тоа дека Вилсон познавал некоја од жртвите.
Вилсон легално ја набавил пушката реплика на моделот „AR-15“ еден месец откако ланскиот октомври наполнил 18 години. Се верува дека од членови на семејството ги набавил другите две парчиња огнено оружје користено во пукањето, според полицијата.
Кога полицајците одговориле на итните повици во понеделникот доцна утрото, го пронашле напаѓачот неселективно пука врз луѓе во кварт со приземни куќи, цркви и лекарски ординации.
Полицијата прецизира дека во нападот се убиени три лица, а ранети уште шест други, меѓу кои и двајца полицајци. Престрелката престанала кога напаѓачот е застрелан пред црквата, додава полицијата.
Сојузната држава Њу Мексико има некои од најмалку рестриктивните закони за поседување оружје во САД, без минимална возраст за поседување пушки и сачмарки во државата. Според организацијата за контрола на оружјето, „Giffords Law Center“, Њу Мексико им забранува на сите помлади од 19 години поседување рачно огнено оружје.