САД тврдат дека Хамас користи болници во Газа за воени операции, вклучително и Ал Шифа

„Имаме информации кои потврдуваат дека Хамас ја користи таа болница како командно и контролно место, а можеби и за складирање на оружје“, изјави портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби, за новинарите од претседателскиот авион Ер Форс, велејќи дека е тоа воено злосторство.

Тој, исто така, рече дека САД имаат информации дека Хамас и палестинскиот исламски џихад користат некои болници во Појасот Газа, вклучително и Ал Шифа, за покривање или поддршка на нивните воени операции и за држење заложници. Според него, тие групи биле подготвени да одговорат и на израелските воени операции против тој објект.

„Тие информации дојдоа од различни разузнавачки извори“, рече Кирби, додавајќи дека администрацијата на Бајден денеска декласифицирала некои информации за да ги сподели своите наоди со новинарите.

Кирби истакна дека дејствијата на Хамас во болниците не ја намалуваат одговорноста на Израел да ги заштити цивилите, но признава дека ги комплицираат напорите на Израел да го искорени Хамас, објави Гардијан .

„Да бидеме јасни, ние не поддржуваме воздушен напад врз болница. Не сакаме да видиме конфликт во болница каде што невините, беспомошни, болни луѓе едноставно се обидуваат да ја добијат медицинската нега што ја заслужуваат“, рече тој.

„Бевме јасни во повеќе наврати – акциите на Хамас не ја намалуваат одговорноста на Израел да ги заштити цивилите во Газа и ова е нешто за што ќе продолжиме активно да разговараме со нашите колеги“, додаде тој.

Израелските сили ја опколија болницата Ал Шифа во градот Газа, најголема во енклавата, за која велат дека е на врвот на подземниот штаб на милитантите на Хамас.

Хамас, владејачката исламистичка група во Газа, го негира присуството на борци и вели дека 650 пациенти и 5.000 до 7.000 други цивили се заробени во комплексот на болницата, под постојан оган од снајперисти и беспилотни летала. Тој вели дека во последните денови починале 40 пациенти, меѓу кои и три предвремено родени бебиња чии инкубатори биле скршени.

Официјален претставник на Хамас во Бејрут рече дека 25 од 35 болници во Газа не работат поради израелскиот напад. Меѓународната заедница, вклучително и најблискиот сојузник на Израел, САД, е особено загрижена за судбината на Ал Шифа.

Израел негира дека болницата е под опсада и вели дека неговите сили дозволуваат излезни патишта за оние што се внатре. Лекарите и надлежните во болницата тоа го негираат и велат дека тие што се обидуваат да си заминат се нападнати.