САД тврдат дека Иран е „длабоко вклучен“ во нападите врз бродови во Црвеното Море

Иран бил „длабоко вклучен“ во планирањето на операциите против комерцијалните бродови во Црвеното Море и иранските разузнавачки информации биле клучни во помагањето на движењето на јеменската шиитска заедница Хути да ги гаѓаат бродовите, соопшти во петокот Белата куќа.

Хутите поддржани од Иран, кои велат дека со нивните напади врз бродовите кои пловат кон Израел или имаат некоја поврзаност со еврејската држава, ги поддржуваат окупираните Палестинци во Газа, нападнаа комерцијални бродови во Црвеното Море со беспилотни летала и проектили, принудувајќи ги да го сменат курсот и да заминат на подолг пат околу африканскиот ‘Рт на добрата надеж.

„Знаеме дека Иран бил длабоко вклучен во планирањето на операциите против комерцијалните бродови во Црвеното Море. Ова е во согласност со долгорочната материјална поддршка на Иран и охрабрување на дестабилизирачките активности од страна на Хутите во регионот“, тврдеше портпаролката на Белата куќа за национална безбедност Адриен Вотсон.

„Ова е меѓународен предизвик кој бара заедничка акција“, додаде Вотсон без да приложи никави докази за своите тврдења, но создава прашање за повик на преземање дејствија против Иран, што претствува ризик за ескалирање на непријателствата на Блискиот исток.

Иран во континуитет негира дека на каков и да е начин бил вклучен во планирање или помагање или поттикнување на нападите на Хутите во Црвеното Море.

Минатата седмица САД објавија инцијатива за формирање поморска коалиција која вклучува 20 земји за да помогне во заштитата на бродовите од напади во Црвеното Море. Некои вклучени земји рекоа дека операциите за заштита на комерцијалниот сообраќај ќе бидат дел од постоечките поморски договори.