САД тврдат дека нивната коалиција „успешно комуницира“ со Кина за санкции за Русија

(AP Photo/Mark Schiefelbein, File)

Функционер на американското Министерство за финансии, за агенцијата Reuters под услови да остане анонимен, рекол во петокот дека наводно коалицијата земји којашто ја водат САД и воведе санкции против Русија без преседан поради нејзината инвазија во Украина „пронашла ефикасен начин за комуникација“ со Кина за избегнување Пекинг да ѝ пружи материјална помош на Русија.

Функционерот, без конкретизирање, рекол дека таа комуникација значи дека, иако Кина и Русија објавија неодамна „отворено партнерство без граници“ и тесна соработка во многу области, САД не гледаат докази дека Пекинг на Москва ѝ пружа материјална помош на ниво на кое би било значајно во тој поглед. Русија поради тоа и натаму е насочена кон поддршка од Иран и Северна Кореја, тврди американскиот функционер, исто така, без да приложи докази за тоа.

Откако САД, Велика Британија, Европската унија и уште неколку нивно сојузници главно во Азија го воведоа санкциите против Русија, имајќи предвид дека за една година тие не предизвикаа брзи и позначителни штети врз руската економија, Вашингтон сега се ангажира со притисоци да влијае врз другите земји да оневозможи избегнување на

„Пристапот на Вашингтон кон Кина досега беше директно да комуницира со Пекинг и земјите ширум светот за ризиците кои носат материјална помош на Русија. Иако посетите на американските функционери на Кина се ограничени, европските се во активна комуникација и ја посетуваат Кина “, истакнал соговорникот на Reuters.

Францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, претходно седмицава допатуваа во Пекинг на разговорите со кинескиот претседател Кси Џинпинг, во настојувањата да ги подобрат речиси прекинатите економски односи на Европската унија со Кина и да издејствуваат кинеската страна да влијае врз Русија во врска со војната во Украина.

Минатата седмица рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Западот се обидува да забие клин меѓу Русија и Кина со постојаното повторување за наводниот нерамноправен односи и зависноста на Москва од Пекинг. Во интервјуто за рускиот портал Аргументы и Факты, шефот на руската дипломатија истакна дека таквите тврдења за нерамноправниот однос меѓу Москва и Пекинг „непријателските земји генерално ги преувеличуваат веќе долго време“.

„Гледаме на тоа како обид да се фрли сенка врз нашите успеси, да се забие колец на раздорот во пријателството меѓу Москва и Пекинг“, додава Лавров.

Порача дека разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега по должност Кси Џинпинг започнале „стратешко партнерство“ меѓу двете земји надвор од „исклучителниот билатерален однос“. Кина и Русија потпишаа договор за партнерство „без ограничување“ на почетокот од 2022 година, неколку седмици пред почетокот на руската инвазија во Украина.

„Секако дека имаме чувство на заедништво и подготвеност да застанеме раме до раме во одбраната на темелните односи на секој од нас“, рече Лавров.

Аналитичарите сметаат дека односите на САД и Кина се на најниското ниво откако Вашингтон и Пекинг во 1979 година ги нормализираа односите. САД претходно годинава изразија загриженост дека Кина разгледува воена помош за Русија, што го отфрлија и Москва и Пекинг, како и претходно Техеран и Пјонгјанг.

„Вашингтон ги предупредува државите дека е подготвен да дејствува против компании и поединци од нив доколку на Русија и и пружат материјална помош во војната. САД, така на пример, сакаат Обединетите Арапски Емирати повеќе да ги почитуваат санкции“, истакнал американскиот функционер за Reuters, иако всушност арапскиот свет не воведе ниедна санкција за Русија и активно соработува со неа во операциите на светскиот нафтен пазар.

Како што е најавено американски економски функционери во текот на април ќе патуваат во земјите за да ги запознаат, односно да ги предупредат, за ризикот за соработка со Русија. Брајан Нелсон, потсекретар во министерството за финансии ќе патува во Швајцарија, Италија, Австрија и Германија каде веќе има колебања во однос на целисходноста на антируските санкции, а неговата колешка Елизабет Розенберг со истата цел ќе патува во руските соседи Казахстан и Киргистан, поранешни советски републики кои исто така имаат мноштво билатерални договори во широк спектар области за соработка со Русија.

На пролетното заседание на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка следната седмица, САД ќе ги запознаат државите за наводниот начин како Русија ја користи својата разузнавачка агенција ГРУ да ги избегне санкциите и контролата на извозот, пишува уште агенцијата Reuters.