САД тврдат дека убиле водач на Ал Каеда во Сирија

Абдул Хамид ал-Матар, кој се смета за водача на исламистичката терористичка мрежа Ал Каеда е убиен со беспилотно летало во Сирија, тврди американската армија два дена по нападот врз воената база каде Вашингтон ги заштитува и обучува борците на милитантите кои се борат цела деценија против владата во Дамаск.

„Елиминаирањето на овој високопозициониран водач на Ал Каеда ќе ги поремети способностите на терористичката организација да планира и изведува напади со коишто им се заканува на американските граѓани, нашите партнери и невините цивили“, соопшти портпаролот на Централната команда на американската армија (CENTCOM), мајото Џон Ригзби.

Нападот со беспилотно летало е изведен два дена по нападот врз базата на југот на Сирија, но Ригзби во писмената изјава не наведува дали нападот е изведен како одмазда. Дронот дејствувал во регионот на Сулук, на северот на Сирија, кој е под контрола на единици на Турција.

„Не утврдивме дека имало цивилни жртви во нападот… Ал Каеда и натаму им се заканува на САД и сојузниците и ја користи Сирија како база за повлекување за да се прегрупира и координира со своите ограноци и планира операции во странство“, вели во изјавата американскиот командант која потсетува на периодот пред две децении пред американската инвазија врз Авганистан.

Пентагон кон крајот на септември објави дека го „ликвидирал вториот висок лидер на Ал Каеда“ во Сирија, Салин Абу Ахмад, за кој тврдеше дека бил одговорен за „планирање, финансирање и одобрување на трансрегионалните напади“ кои ги изведувала организацијата.

Околу 900 американски војници се распоредени на истокот на Сирија и во базата Ал Танг на југот близу границите со Ирак и Јордан, каде што ги обезбедуваат двете најголеми сириски наоѓалишта на нафта кои ги експлоатираат САД и ги обучуваат силите на бунтовничките Демократски сириски сили (FDS) но како што тврди владата во Дамаск и борци на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава кои последниот период наводно ги префрлуваат во Авганистан.