САД уште еднаш блокираа резолуција за прекин на огнот во Газа

Од 15 членки на Советот за безбедност при обединетите нации, 13 гласаа за поддршка на резолуцијата за прекин итен прекин на огнот во Појасот Газа, предложена од Алжир, Велика Британија беше воздржана а САД уште еднаш вложија вето во полза на својот сојузник Израел.

„Гласањето за нацрт-резолуцијата е глас за поддршка на правото на живот на Палестинците. Спротивно на тоа, гласот против е поддршка за бруталното насилство и колективната казна што им е нанесена“, изјави алжирскиот амбасадор во ОН, Амар Бенјама.

Американската амбасадорка во светската организација Линда Томас Гринфилд денеска изјави дека секоја акција преземена од Советот за безбедност би значело мешање во „чувствителните, тековни преговори“.

„Сметаме дека резолуцијата ќе има негативно влијание врз преговорите. Барањето итен, безусловен прекин на огнот, без договор кој бара од Хамас да ги ослободи заложниците, нема да донесе одржлив мир и само ќе го продолжи конфликтот“, изјави Гринфилд.

Наместо тоа, САД предложиле своја нацрт-резолуција со која се повикува на привремен прекин на непријателствата и се изразува противење на плановите на американскиот сојузник Израел за копнена офанзива во Рафах.

Вашингтон прецизираше дека нема да брза резолуцијата да ја предложи за гласање, наводно за да обезбеди време за преговори.

Резолуцијата предложена од Алжир, на која САД ставија вето, не го обврзува склучувањето на привремено примирје со ослободување на заложниците и содржи само повик за итен хуманитарен прекин на огнот и итно и безусловно ослободување на заложниците.