САД велат дека го информирале Ирак пред нападот, а Ирак дека е нарушен суверенитетот на земјата

Соединетите држави го известија Ирак пред нападот во петокот врз три позиции на милитантите во земјата, соопшти Белата куќа, само неколку минути откако ирачката војска ги осуди нападите како повреда на суверенитетот на земјата.

„Ја известивме ирачката влада пред нападот“, изјави за новинарите портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.

Нападите би можеле дополнително да го комплицираат американското воено присуство во Ирак, а за кое веќе се водат преговори за негово завршување.

Ирачката војска соопшти дека биле нападнати цели во ирачката погранична област и предупреди дека нападите би можеле да ја зголемат нестабилноста во регионот.

„Овие воздушни напади се кршење на ирачкиот суверенитет, ги поткопуваат напорите на ирачката влада и претставуваат закана што може да доведе до страшни последици за Ирак и регионот. Резултатите ќе имаат сериозни импликации за безбедноста и стабилноста во Ирак и околниот регион”, се додава во соопштението на ирачката армија.

Меѓу целите погодени од американските напади во Ирак биле штабовите на неименувани вооружени групи и складиште за пешадиско оружје, извести агенцијата AFP, повикувајќи се на ирачки извори.

„Според прелиминарните податоци, целта беше штабот на вооружените групи во областа на градот Ал-Каим, станува збор за магацин со пешадиско вооружување“, изјавил извор од ирачкото Министерство за внатрешни работи.

Втор извор од ирачката шиитска милиција Ал Хашд ал-Шааби за агенцијата изјавил дека биле извршени два напада врз позиции во регионот Акашат. Според него, како резултат на овие напади „има ранети“, но нивниот точен број не е соопштен.

САД извршија воздушни напади во Ирак и Сирија во петокот против повеќе од 85 цели поврзани наводно со иранскиот Корпус на револуционерната гарда (IRCG) и шиитските милиции поврзани со Иран, соопшти американската војска, како одмазда за нападот врз американска база во Јордан во кој загинаа тројца, а беа ранети 40 американски војници. Јордан, инаку, негираше дека нападот се сличил на негова територија односо во американската база Кулата 22, туку дека била нападната нелегална американска база во Сирија близу јорданската граница.

Целите биле лоцирани на седум различни локации, четири во Сирија и три во Ирак, а во нападот биле вклучени бомбардери „B-1“ со долг долет, пренесени од САД, соопшти американската војска. Американскиот генерал-полковник Даглас Симс, шеф на Здружениот генералштаб, рече дека се чини оти нападите биле успешни, предизвикувајќи големи секундарни експлозии додека оружјето на милитантите било погодено, иако не е јасно дали има загинати борци.

Се додава дека во операцијата учествувале „бројни  авиони“, вклучително и бомбардери со долг долет. Бомбардираните цели вклучувале командни и контролни пунктови, разузнавачки центри и магацини за беспилотни летала, а во воздушните напади биле употребени „над 125 прецизно наведувани проектили“.

Ирачката шиитска милиција Катаиб Хезболах, која САД го обвинуваат за нападот на американските сили во Јордан, во вторникот објави дека ќе ги запред нападите врз американските сили во регионот. Но, друга ирачка група поддржана од Иран, Нуџаба, рече дека ќе продолжи да ги напаѓа американските сили во регионот додека не заврши војната во Газа и американските сили не се повлечат од Ирак.

Последната седмица од јануари извори од САД и Ирак објавија дека започнуваат разговори за завршување на мисијата на меѓународната воена коалиција во Ирак и нејзино замена со билатерални односи, а беше истакнато дека тоа преставува напредок во процесот закочен со војната во Појасот Газа.

На почетокот од јануари премиерот Шиа ал-Судани изјави дека Ирак бара брзо и на соодветен начин договорено заминување на меѓународните воени сили предводени од САД од својата територија, но тогаш крајниот рок не беше зададен. Ал-Судани ја оцени натамошната присутност на странските сили на ирачка територија како дестабилизирачки фактор, особено во контекстот на израелската војна во Појасот Газа и сѐ поизгледната можноста за прелевање на овој судир во регионот на Блискиот исток.