САД, Велика Британија и Франција ја нападнаа Сирија

САД, Велика Британија и Франција рано изутринава извршија ракетни напади врз повеќе цели во Сирија, како одговор на обвинувањата дека сириските владини сили минатата сабота извршиле напад со хемискио оружје во градот Дума.

Пентагон соопшти дека се нападнати цели во сирискиот главен град Дамаск и во реонот на Хомс.

Станува збор за лабораторија за научни истражувања во Дамаск, во која се претпоставува дека се произведувало хемиско и биолошко оружје, две складишта за хемиско оржје во реонот на Хомс, како и воен команден центар во близната на овој град.

Според сириската државна телевизија, при нападите се повредени три лица во Хомс.

Почетокот на нападите го најави американскиот претседател Доналд Трамп во обраќање во три часот по средноевропско време, нагласувајќи дека „во тек е заедничка операција (на САД) со вооружените сили на Франција и Велика Британија“.

Доналд Трамп

Трамп истакна дека операцијата „против варварството“ ќе трае „онолку долго колку што ќе биде потребно“, се додека Сирија не престане да користи хемиско оружје.

Според него, при акцијата се нанесени прецизни напади врз „објекти од програмата за производство на хемиско оружје на сирискиот диктатор Башар Асад“.

Трамп нагласи дека сега „судбината на режимот во Дамаск е во рацете на Сиријците“, притоа упатувајќи критики на сметка на Русија и Иран за поддршката на сириските власти.

– Каква е таа нација, што би сакала да биде поврзана со масовното убиство на невини мажи, жени и деца, истакна американскиот претседател, додавајќи дека последниот напад во Дума претставува „ескалација на употребата на хемиско оружје од страна на ужасниот режим“ во Дамаск.

Трамп потенцира дека нападите во Сирија се директен резултат на неуспехот на Русија да ја спречи употребата на хемиско оружје од страна на сириските сили, додавајќи дека Москва треба да реши „дали ќе продолжи по тој мрачен пат или ќе се приклучи кон цивилизираните нации“.

Како што јави Би-Би-Си, ова се најжестоки напади на западните земји врз силите на сирискиот претседател Башар Асад од почетоикот на граѓанската војната во Сирија пред седум години.

Утрово американскиот државен секретар Џејмс Матис на вонредна прес-конференција соопшти дека при акцијата нема загуби во редовите на сојузниците, додавајќи дека нападите се завршени и оти засега нема планови за нови.

Џејмс Матис

Матис нагласи дека објектите кои биле цел на нападите биле внимателно одбрани и дека сојузниците се потрудиле да ги избегнат руските сили стационирани во Сирија.

Тој додаде дека цел на нападите не било ликвидација на Асад, туку „ослабување на потенцијалите на сириската воена машинерија да создава хемиско оружје“.

– Јасно е дека минатата година режимот на Асад не ја разбра пораката, изјави Матис, алудирајќи на ракетните напади од април 2017 година врз воената база Шајрат крај Хомс, извршени по употребата на хемиско оружје од страна на сириските владини сили во реони под контрола на бунотвниците.

Матис порача дека е време „сите цивилизирани нации итно да се обединат и да стават клрај на граѓанската војна во Сирија“.

На истата прес-конференција, началникот на Здружениот генералштаб на Вооружените сили на САД, Џозеф Данфорд изјави дека Русија не била претходно информирана за планираните сојузнички напади во Сирија.

– Немавме никкава координација со Русите за нападите и не ги предупредивме пред време,. додаде Данфорд.

Во правта реакција на нападите, Русија оцени дека тие „нема да останат без последици“.