Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп веројатно ќе ја прошири забраната за внесување на електронски уреди во авионите кои летаат за САД од Европа, но истовремено проверува како да обезбеди литиумските батерии во багжот да не експлодираат во текот на летот.
Таквото проширување на забраната би можело да ги погоди некои од американските воздухоплвни превозници како „United Airlines“, „Delta Air Lines“ и „American Airlines“.
Американски и европски функционери кои зборувале за Reuters рекле дека очекуваат оваа одлука Американското биро за татковинска безбедност (DHS) да ја објави наскоро.
За во четврток е планирана средба на претставниците со DHS со претставници на воздухопловните компании за да се разгледаат безбедносните прашања, а истиот ден министерот за внатрешна безбедност Џон Кели треба да ги брифира сенаторите за домашните безбедносни закани и други прашања во врска со воздушниот транспорт.
Во март САД воведоа рестрикции за внесување на преносни компјутери и други електронски уреди во авионите од десет земји, меѓу кои се и Турција, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар, поради стравувањата дека така би можело да се маскира експлозивна направа.