САД на првиот ден од новата 2021 година во петокот влегоа надминувајќи го неславниот праг од 20 милиони потврдени случаи на зараза со коронавирусот од почетокот на пандемијата, покажуваат податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“.
Водечката светска сила, покрај според бројот на заразите (зад неа е само Индија со 10,3 милиони инфекции) е и на неславното прво место во светот и според бројот на починати со повеќе од 346.000 смртни исходи како последици на компликациите што ги предизвикува болеста Covdi-19.
Оваа седмица во САД е забележан уште еден црн рекорд, откако според податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“ за само 24 часа се евидентирани над 3.900 смртни случаи од коронавирусот.
Беа потребни неколку месеци за САД до 9-ти ноември да забележат 10 милиони случаи на заразата со коронаворусот, но стапката на новоинфицираните значително забрза во текот на декември и за помалку од два месеца показателот се удвои. Во неделата беше надминат плафонот од 19 милиони зарази, што е еквивалент на севкупниот број на населението на сојузната држава Њујорк.
Властите сметаат дека непридржувањето на населението на апелите во текот на прославата на Денот на благодарноста кон крајот на ноември и божикните празници минатата седмица да останат дома и да не ги посетуваат семејствата и блиските во другите делови од земјата, резултирало со зголемување на бројот на новозаразени. Меѓутоа, бројката на дневните случаи на новозаразени загрижувачки се зголеми уште на почетокот на есента.
Американските власти полагаат надежи во брзото вакцинирање на населението, откако вакцината против коронавирусот беше одобрена на 14-ти декември. Според податоците на Центарот за контрола и превенција на болестите (CDC) до петокот првата доза ја примиле речеиси 3 милиони луѓе, но таа бројка е далеку помалка од бројката којашто ја најавуваа властите од 20 милиони вакцинирани до крајот на 2020 година.
Новиизбраниот претседател Џо Бајден ја критикуваше динамиката на вакцинирање за што ја обвинува администрацијата на актуелниот претседател Доналд Трамп.
„Доколку вакцинирањето продолжи со ова темпо, ќе бидат потребни години а не месеци за да се вакцинираат сите Американци кои тоа го сакаа“, рече минатата седмица Бајден ветувајќи дека неговата администрација ќе ја забрза постапката за вакцинирање и ќе осигури во текот на првите 100 дена од неговата администрација да се вакцинираат 100 милиони луѓе.
Меѓутоа, проблемот како што забележуваат експертите не е само во расположението на властите и населението за масовна имунизација, туку и во капацитетите за производство на доволно дози на вакцината „Pfizer/BioNTech“ која е развиена врз нова технологија за ваквите препарати. Исто така, проблем преставува и опременоста за складирање и транспорт на оваа вакцина за што се потребни услови од минуст 70 до минус 80 Целзиусови степени, што предизвика забавување на имунизацијата во Европа.