САД во март уапсиле рекордни 210.000 мигранти на границата со Мексико

Американските погранични власти уапсиле во март 210.000 мигранти при нивните обиди да ја преминат границата со Мексико, што е најголемата месечна бројка во последните 20 години и укажува на предизвиците со коишто следните месеци може да се соочи американскиот претседател Џо Бајден.

Станува збор за раст од 24 отсто во однос на истиот месец минатата 2021 година, кога на границите биле сопрени 169.000 мигранти. Тогаш е забележан раст на миграцијата, а една од последиците се илјадници деца без придружба кои останаа со денови заглавени во преполните погранични патролни станици чекајќи сместување во пренатрупаните прифатилишта под управа на американската влада.

Претседателот Бајден, кој е од редовите на Демократската партија и на должноста стапи во јануари 2021 година, во изборната кампања вети дека ќе ги измени многуте утврдени имиграциски политики коишто ги воведе неговиот републикански претходник Доналд Трамп, но во меѓувреме се соочи со огромен број обиди за илегално преминување на американско-мексиканската граница.

Републиканците, коишто според анкетите имаат шанса на ткн избори на половина од мандатот на 8-ми ноември повторно да ја преземат контролата во Конгресот, тврдат дека откажувањето на Бајден од политиките од ерата на Трамп, само ја поттикнало зголемената имиграција.

Функционери од администрацијата на Трамп предупредуваат дека миграциите би можеле дополнително да пораснат по најавата на американските здравствени функционери за укинување на граничната уредба од периодот на пандемијата на коронавирусот којашто трае до 23-ти мај. Со оваа урадба се овоможува барателите на азил и другите мигранти што поитно да бидат протерани во Мексико за да се спречи ширењето на Covid-19 во САД.

Последните неколку месеци повеќе од половината од мигрантите на американско-мексиканската граница пристигнуваа од традициолано поблиските сиромашни земји како Мексико, Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор, но однеодамна мигрантите сѐ повеќе пристигнуваат и од подалечните земји, на пример Украина и Русија.

Според официјалните податоци на американската царина и пограничните власти, бројката од 210.000 мигранти уапсени на границата во март е најголемиот вкупен месечен показател евидентиран од февраури 2000 година. Околу половината од мигрантите коишто границата се обиделе да ја минат во март годинава се протерани.