Министри и високопозиционирани функционери од САД, Израел и Украина дискутираат по прашањето за пренесување на воздушните ракетни системи „Patriot“, пишува Financial Times повикувајќи се на свои извори.
„Соединетите држави, Израел и Украина преговараат за испораките на Киев на осум системи за противвоздушна одбрана Patriot“, се наведува во текстот.
Според написот во FT, договорот веројатно ќе предвидува споменатите ракетни системи прво од Израел да бидат испратени во САД, а потоа да им бидат предадени на Вооружените сили на Украина.
„Иако се дискутира за трансферот на сите осум системи, на крајот можеби во Украина нема да бидат испорачани сите осум системи“, се наведува во написот.
Според Financial Times, Израел во април потврдил дека сака да ги повлече од употреба осумте батерии „Patriot“, стари повеќе од 30 години и планира да ги замени со помодерни противвоздушни ракетни системи.
Според весникот, Украина во моментов има само два оперативно функционални системи „Patriot“, од кои едниот го испорачале САД а другиот заеднички Германија и Холандија.
Изворите на Financial Times истакнале дека на преговорите присуствувале советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володомир Зеленски, Андриј Ермак и украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба.
Кон средината на јуни Зеленски изјави дека украинската армија има итна потреба од најмалку седум системи за противвоздушна одбрана „Patritot“ за заштита на украинскиот воздушен простор особено во услови на напредување на руските единици во Харковската област. Зеленски тогаш зборуваше дека уште од почетокот на руската инвазија кон крајот на февруари 2022 година безуспешно барал од Израел испорака на противвоздушни и противракетни системи.
Холандија, Романија и Германија претходно месецов сигнализираа за планови на Украина да ѝ ги предадат своите системи „Patriot“. Истовремено, полскиот заменик-министер за одбрана Цезари Томчил истакна дека Варшава нема да постапи по сугестиите својата батерија „Patriot“ да ѝ ја предаде на Украина, бидејќи тоа би ја ослабела одбрана на воздушниот простор на Полска во услови кога руските ракетни напади се изведуваат во украинските региони на самата граница.