Американското Федерално биро за истраги (FBI) истражува 850 случаи на домашен тероризам во САД, кои главно се однесуваат на активисти на крајната десница и на противници на владата, соопшти во средата висок функционер на сојузната полиција.
Половината од овие истраги се однесуваат на лица кои се противници на сојузната влада и на властите воопшто, додал заменикот директор на антитерористичкиот оддел на FBI, Мајкл Мекгарти.
Четириесет отсто од другите истраги се за случаи мотивирани од расизам, а големо мнозинство од нив се донесува на екстремизам кој заговара надмоќ на белата раса, рекол Мекгарти пред Комитетот за внатрешна безбедност на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.
Неодамнешниот пораст на внатрешната екстремистичка закана се толкува со наглата и постепена радикализација преку интернет и социјалните мрежи, којашто се шири слично како и исламистичката радикализација. Активистите може да пронајдат содржини кои одат во прилог на нивната идеологија, а да не мора да патуваат или да се сретнуваат со истомисленици, што им овозможува „да се радикализираат и брзо да се подготват за насилство“, додал Мекгарти.
Левичарската невладина организација „Southern Poverty Law Center“ наводно избројала 81 лице кое во САД од 2014 година е убиено од „поединци под влијание на радикалната десница“, а „најсмртоносна“ била 2014 година кога биле забележани „четириестина жртви“, пренесува AFP.