САД воведоа санкции за еврејска екстремистичка група

Американската влада во петокот воведе санкции за екстремистичката еврејска група Tzav 9 поради попречување на испораката на хуманитарна помош за палестинските цивили во Појасот Газа.

„Со месеци, поединци од групата Tzav 9 се обидуваа да спречат испорака на хуманитарна помош за Газа, понекогаш насилно блокирајќи ги патиштата долж нивната рута од Јордан до Газа, вклучувајќи го и Западниот брег“, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, потсети на инцидентот на 13 мај, кога членовите на групата Tzav 9 ограбиле и запалиле два камиона во близина на Хеброн на Западниот брег, кои превезувале хуманитарна помош во Газа.

„Обезбедувањето хуманитарна помош е од клучно значење за намалување на ризикот од глад“, рече Милер.

Нагласи дека „израелската влада има одговорност да ја гарантира безбедноста на хуманитарните конвои кои минуваат низ Израел и Западниот Брег на пат кон Газа“. „Нема да толерираме саботажа и насилство насочени кон потребната хуманитарна помош“, заклучи Милер.

Како резултат на санкциите, сите средства на членовите на групата во САД се замрзнати. На американските граѓани или лица лоцирани во Соединетите држави им е забрането да прават бизнис со санкционирани компании и поединци. Санкциите, исто така, го отежнуваат меѓународниот бизнис за оние кои се предмет на нив.