По серијата терористички напади во Кабул, за кои одговорност презеде џихадистичката група Исламска држава (ИД), САД денеска воведоа санкции за лица обвинети дека дејствувале како финансиски посредници на огранокот на таа организација во Авганистан.
Американското Министерство за финансии соопшти дека на „црната листа“ се наоѓа Исматула Халозаи, кој е обвинет за управување со неформална мрежа за трансфер на пари со седиште во Турција, позната како „хавала“, која служи за пренос на средства за финансирање на ИД.
Стејт департментот денеска, исто така, идентификува тројца мажи како специјално обвинети светски терористи поради нивната водечка улога во авганистанскиот огранок на Исламската држава, се наведува во соопштението на американското Министерство за финансии.
-Денешните мерки ја нагласуваат решителноста на САД да ја спречат ИД и нејзините членови да го користат меѓународниот финансиски систем за поддршка на терористичките акти во Авганистан и на други места, изјави Андреа Гаки, директор на Управата за контрола на странски капитал при американското Министерство за финансии. (МИА)