Администрацијата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден во четвртокот воведе санкции кон руската „Газпромбанк“, замрзнувајќи ги нејзините средства и забранувајќи ги трансакциите на домашните граѓани и компании, со исклучок на проектот за нафта и гас во далечниот руски Исток.
„Газпромбанк“ е единствената голема руска финансиска институција која досега беше изземена од санкции, забележува Министерството во соопштението, а министерката за финансии Џенет Јелен истакна дека нејзиното вклучување на листата, заедно со „неколку десетици“ други мали и средни руски банките „дополнително ќе ја ограничат и оштетат руската воена машинерија“.
Вашингтон од пакетот ги иззема трансакциите поврзани со проектот за вадење нафта и гас наоѓалиштето „Сахалин-2“ на рускиот Далечен исток, до 28-ми јуни следната година. Особено гасот од „Сахалин-2“, вклучително и течниот природен гас (LNG) го купуваат првенствено неколку големи јапонски компании, потсетува Reuters.
„Газпромбанк“ во четвртокот соопшти дека санкциите на Вашингтон нема да влијаат на нејзиниот бизнис, додавајќи дека продолжува да обезбедува услуги за клиентите и да врши финансиски трансакции на пазарите како и досега, информираше руската новинска агенција ТАСС повикувајќи се на извори од рускиот енергентски гигант.
Кремљ ги смета санкциите на „Газпромбанк“ како обид за нарушување на преостанатите испораки на гас на Русија за Европа и има намера да преземе „пропорционални контрамерки“, одговори портпаролот Дмитриј Песков на прашање на ТАСС.
Унгарските и словачките власти рекоа дека сè уште ги проучуваат можните последици од американските санкции.
Во октомври, Меѓународната агенција за енергетика (IEA) предупреди дека суспензијата на транзитот на руски гас преку Украина претставува „значаен извор на неизвесност пред овогодинешната зима на северната хемисфера“ и отвора прашања во снабдувањето со гас, првенствено на земји без излез на море во Централна Европа, како што се Австрија, Унгарија и Словачка.
Суспензијата нема да биде ризик „во блиска иднина“ благодарение на полните капацитети за складирање, поврзаната гасна инфраструктура и „индиректниот“ пристап до светскиот пазар на LNG, нагласи тогаш IEA .