Кабинетот на американскиот претседател Џо Бајден воведе санкции за група турски компании поради водење бизниси со Русија, како дел од поширокиот пакет мерки што ги вклучува и рускиот „Автоваз“ и две компании со седиште во Финска.
Санкциите се насочени кон бродските и трговските компании обвинети за помагање во поправка на санкционирани бродови поврзани со руското Министерство за одбрана и помагање за пренос на „стоки со двојна употреба“, се вели во соопштението објавено во четвртокот.
Санкционирани се „Margiana Insaat Dis Ticaret“, поради наводно „стотина пратки“ до казнети руски компании „кои се составен дел од синџирот на снабдување во производството на воени дронови“ и „Demirci Bilisim Ticaret Sanayi“, поради испорака на „сензори и мерни алатки“ во Русија.
Агенцијата Reuters наведува дека не можела веднаш да дојде до компаниите за коментар.
Стејт департментот го стави на списокот „Denkar Ship Construction“ за поправка на бродови, кои се означени како пловни објекти на компанија поврзана со руското Министерство за одбрана. Турската компанија, исто така, не одговорила веднаш на барањето за коментар.
Казнени мерки се изречени и за турската бродоградежна агенција „ID Ship Agency“ и нејзиниот сопственик и „CTL Limited“, која посредува и доставува електронски компоненти од американско и европско потекло за руските компании, според Стејт департментот. Компаниите и сопственикот Догрујол веднаш не ги коментираа казните.
Поширокиот пакет ја таргетира и руската индустриска база, вклучувајќи го производителот на автомобили „Автоваз“, и поморскиот сектор и добавувачите на технологија, како и објектите за производство и поправка на руски системи за оружје.
Две логистички компании со седиште во Финска, „Siberica Oy“ и „Luminor Oy“, исто така, се на списокот за испорака на странска електроника до крајните корисници во Русија, се вели во соопштението на Министерството за финансии на САД.