Годинава по втор пат ќе се одржи саем „Купи куќа, купи стан“ во Скопје Сити Мол. Вицепремиерот Зоран Ставрески денес на својот Фејсбук профил најави дека од 29 октомври до 1 ноември во Скопје Сити Мол ќе се одржи нов саем „Купи куќа, купи стан“, како што ветил на минатиот саем пред една година.
На саемот ќе учествуваат Министерството за финансии, банките кои се во проектот „Купи куќа, купи стан“ и градежни компании со понуда на станови. Како што е најавено ќе има и саемски попусти на становите.
Со цел проектот да се соближи до граѓаните се одржува караванот „Купи куќа, купи стан“. Караванот досега одржа и повеќе презентации по градовите низ Македонија. Презентации беа одржани во Охрид, Битола, Прилеп, Гевгелија, Струмица, Свети Николе, Велес, Куманово, а денес во 17 часот во Домот на АРМ во Тетово е закажана нова презентација.
Преку проектот „Купи куќа, купи стан“ досега се доделени субвенции во износ од 4,3 милиони евра, а поединечно субвенцијата може да достигне до 14.000 евра.