Повеќе од 70 издавачи ќе се претстават на 26-от по ред Саем на книгата 2014, што ќе се случува во периодот од 8 до 14 април во Метрополис арената на 3000 м2.
На саемот кој оваа година е под мотото „саем за љубовта кон пишаниот збор“, ќе има дела од домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, еницклопедии и дела од областа на културата и уметноста.
Освен од домашни издавачи ќе има дела и од издавачи од регионот Србија, Бугарија, Албанија, Италија, Шведска, Унгарија.
Институтот Балаши од Будимпешта, Унгарија и Лекторатот по унгарски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во партнерство со издавачката куќа „Или-или“, Скопје организираат претставување на Унгарија, односно унгарската литература.Ќе бидат изложени преводите на дела од унгарски јазик настанати во изминатите десетина години, со цел да ја доближат унгарската литература до македонската читателска публика.
Традиционално, Здружението на издавачи и книжари на Македонија ќе избере најдобро издание меѓу двата саема, најпродавана книга на саемот, како и награда за најдобар книжар на годината во Македонија. Настанот ќе се случи во сабота 12 април во 19 часот.
За време на Саемот ќе се организира и кампања на Фејсбук на тема „Прати љубовна порака поврзана со книгата и пишаниот збор на Фејсбук на Скопски саем и добиј книга.“Во рамките на оваа кампања ќе бидат доделени 100 книги на авторите на најубавите љубовни пораки.
Свеченото отворање на саемот е во понеделник (8 април) во 19 часот. Цената на влезниците е 30 денари, а групните влезници се 20 денари.
Саемот на книга е една од најатрактивните манифестации чиј број на посетители се движи околу 40 илјади.
И оваа година саемот се организира под покровителство на Министерството за култура.