Саем на книгата „Книга во секој дом“ од 20-ти до 31-ви јануари

Од 20-ти јануари, традиционално, 14 години, Клубот „Матица“ го започнува Саемот на книгата „Книга во секој дом“.

Годинава со поднаслов „300.000 книги во Матица“, на читателската публика ќе и’ бидат понудени наслови од комплетната домашна и странска продукција. Во соработка со повеќето македонски издавачки куќи и реномирани светски и регионални издавачки компании како Харпер Колинс, Парагон, Трансворлд, Те Неус, Орион, Лагуна, Делфи, Вулкан и други, ќе бидат понудени најновите остварувања од домашната и светската прозаистика, архитектура и уметност, најбараните наслови и автори од областа на економијата, филозофијата,гастрономија, лексикографија, ениклопедии, книги за најмалите,креативни проекти итн.

Како што истакнуваат од „Матица“ основната девиза на организацијата на ваквите манифестации е дека „културата се наметнува, а традицијата се негува и одржува“. Врз основа на оваа девиза, 14 години Клубот „Матица“ ја создава и гради навиката и љубовта кон книгата, а големиот број на читатели и вљубеници во книгата, само ја потврдува исправноста на патот по кој „Матица“ чекори.

Годинава понудата е огромна и со сигурност можеме да кажеме дека има книги за сечиј вкус и книги за сечиј џеб. Како едно големо освежување се најавува и официјализирање на стратешкото партнерство со најголемиот балкански издавач „Лагуна“ од Белград, и отворање на Лагуна клубот во Скопје со нови 2000 наслови од најновата светската книжевност.

Статистиките сведочат за континуираниот пораст на бројот на читатели, а македонската продукција бележи огромен раст и прогрес во процентуалниот дел од продажбата на книги на македонски јазик, што директно посочува дека домашните библиотеки се се побогати со книги на македонски јазик.

Ако во 2000-та година, книгите на македонски јазик биле застапени со само седум отсто од вкупната продажба, во 2013 година македонската продукција е застапена со огромни 83 отсто. Бројот на читатели-членови во 2000 година бил 1700, за во 2013-та година да порасне на 31,329. За осум пати е зголемена квантитативната продажба на книги, за 50 пати е зголемена продажбата на книги на македонски јазик,  за 30 пати е зголемена читателската публика, а вкупно се продадени приближно 800.000 книги.

Ваквите податоци само ја потвтврдуваат исправноста на постоењето, организирањето и реализацијата на овој Саем на книгата и на овој начин директно се покажува фактот дека во Македонија има читателска публика која бара своја форма за анимација и се разбира, прилагодување на цените на пазарот. Ширењето на љубовта кон книгата и развојот на културата во нашата држава е од непроценливо значење за развојот на самото општество. Фактот што реномираната и најголемата светска агенција Крафорд ја издвои Македонија како лидер во регионот по број на читатели е само уште една потврда за развојот на културата во општеството.

Саемот на книгата „Книга во секој дом“ секоја година е подржан и паралелно се одржува во сите поголеми градови во Македонија како Охрид, Струмица, Прилеп, Кавадарци, Куманово, Гевгелија, Струга, Неготино, Гостивар…