Петмина македонски државјани биле фатени во шверц на цигари деновиве на скопскиот аеродром, соопшти Царинската управа.
Според Царината, станува збор за 66 штеки цигари со македонски акцизни маркички, 822 пури и 80 ножеви за пури, откриени во пет одвоени случаи.
Цигарите биле пронајдени во чекираните куфери на двајца патници кои имале намера да отпатуваат, едниот со лет за Лондон, а вториот со лет за Копенхаген, и една патничка која имала намера да отпатува со лет за Малме.
Пурите и ножевите за пури биле пронајдени во патните торби на двајца патници, кои допатувале со лет од Малта. Кај едниот патник биле пронајдени 542 пури од различни марки и 40 ножеви за сечење пури, а кај другиот патник биле пронајдени 280 пури од различни марки и 40 ножеви за сечење пури.
Во сите пет случаи непријавените производи се привремено задржани, а против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки.