Здружението на вработени во секторот игри на среќа „САКАМ ДА РАБОТАМ“ забележува повторно засилување на активната хајка против игрите на среќа. После секоја најава и иницијатива за измени на законот за игри на среќа, како по нарачка се јавува одредена група на демонстранти, кои спроведуваат негативна кампања. Она што е крајно загрижувачки што се вклучени и верски лица кои се најрадикални во ставовите. Таков беше случајот и со вчерашниот протест на групата демонстранти во Струга.
Во интерес на објективното информирање на јавноста, сакаме да ги разобличиме сите манипулативни тези во врска со игрите на среќа, кои беа пласирани во Струга.
Според официјалните информации, во Општина Струга заедно со околните села има вкупно 13 училишта, од кои две средни училишта. Според последниот попис на Државниот завод за статистика Градот Струга е лидер по бројот на угостителски објекти во југозападниот регион на Македонија. Односно во Струга има 163 угостителски објекти, во кои меѓу другото се точи и алкохол и се пушат цигари, кои како општествени појави може штетно да делуваат врз развојот на младината. Зошто групата демонстранти, по истите аршини како за игрите на среќа, не побараат да се затворат и овие 163 угостителски објекти?
Не е точно тврдењето дека во Грција сега се забранети игрите на среќа. Забраната падна во 2018. Кога грчките власти видоа дека меѓу 3 до 5 илјади Грци само во еден ден играат во Гевгелија, во 2018 поставија 36 илјади апарати за игри на среќа за да спречат одлив на значителни финансиски средства надвор од државата. Исто така, во октомври 2022, Албанската Влада соопшти дека после четири годишната забрана ги враќа игрите на среќа. Образложението на нивниот премиер Еди Рама е дека после забраната, игрите на среќа во Албанија почнале да се одвиваат на црно и дека повторното отворање на индустријата значително ќе и помогне на албанската економија. А ако сакаме да зборуваме за европски трендови, доволно е да се земе примерот со Лихтенштајн. На 29 јануари 2023, 72 проценти од жителите на Лихтенштајн на референдум со гласање „против“ ја отфрлија иницијативата за затворање на казината во Кнежевството. Во регионот, игрите на среќа се забранети само на Косово, но групата демонстранти од Струга треба да и одговорат на јавноста, колку жители од Косово на дневна основа играат игри на среќа во Тетово? Каде припаѓа Северна Македонија, во друштво на западните цивилизации и ЕУ или во некое друго друштво?
Различните приредувачи на игри на среќа, вкупно гледано, вработуваат околу 10 илјади лица, што е повеќе од вкупниот број на жители во две општини во Источна Македонија. Овој економски сектор е најголем приватен работодавач во земјата. Постојната регулатива во Северна Македонија е најстрога на Балканот, бидејќи актуелниот закон ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од сите надлежни институции. Ние работиме во општествено одговорни компании кои целосно го штитат јавниот интерес и неселективно ги спроведуваме законските норми. Чесно е заговорниците на целосно затворање на сите објекти за приредување игри на среќа да соопштат јавно дали сакаат целосно затворање затоа што во овој економски сектор 90 проценти од вработените се Македонци?
Целосно затворање на легалните игри на среќа ќе предизвика отпуштање на 10 илјади вработени, што статистички значи дека тоа се 35 илјади нови кандидати за иселување од Македонија. Државата ќе изгуби најмалку 280 милиони евра буџетски приходи на годишна основа. Ќе се затвори целосно законска економска гранка што ќе предизвика отворање играње на црно во подрумски простории, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци.
ЗДРУЖЕНИЕ НА ВРАБОТЕНИ ВО СЕКТОР ИГРИ НА СРЕЌА
САКАМ ДА РАБОТАМ