Салах преговара за нов договор, но и за неделна плата од 360.000 евра

Египетскиот репрезентативец и напаѓач на премиерлигашот Ливерпул, Мохамед Салах, изјави денеска дека не бара ништо „посебно“ во преговорите за продолжување на соработката со клубот со кој има важечки договор уште 18 месеци.

– Сакам да останам, но не одлучувам само јас. Сè зависи од клубот. Им ги пренесов моите услови и тие знаат што сакам. Не барам ништо посебно, изјави египетскиот фудбалер во интервју за магазинот ГК.

Според непотврдени информации во британските медиуми, Салах наводно преговара за неделна плата од 368.000 евра

Евентуален договор под тие услови би довел до промена во менаџерската политика на Ливерпул, кој ретко издвојува високи суми за фудбалери над 30 години, колку што Салах ќе наврши следниот јуни.

– Јас сум тука пет години. Одлично го познавам клубот. Ги сакам навивачите и тие ме сакаат мене. Што се однесува на менаџментот, им ги изнесов своите услови и сега топката е во нивни раце, посочи Салах, кој е во најтесниот избор за наградата фудбалер на годината во изборот на ФИФА, што ќе се одржи на 17 јануари во Цирих.