Салфетката на којашто Лионел Меси го потпиша договорот за приклучување на ФК Барселона во 2000 година е продадена за 760.000 фунти (околу 888.000 евра), објави во петокот британската аукциска куќа Bonhams.
Во Bonhams, наддавањето за „документот“, опишан од аукциската куќа како „сино мастило на стандардна шпанска восочна салфетка“, достигна 220.000 фунти набргу по отворањето на продажбата, а првично очекуваа продажната цена да биде во опсегот од 300.000 фунти до 500.000 фунти. Онлајн аукцијата траеше од 8-ми до 17-ти мај.
Салфетката ја промени судбината и на клубот и на самиот Меси, кој стана еден од најголемите играчи на сите времиња“, објави Бонамс. Овој фудбалски сувенири бил внимателно чуван во сеф од Хорасио Гаџиоли, тогашниот агент на Меси.
На салфетката не е само потписот на Меси, туку и потписите на Карлес Решак, тогашниот спортски директор на Барселона и на Хосеп Марија Мингела, скаут за таленти кој го препознал потенцијалот на Меси.
Салфетката, која беше потпишана за време на ручекот во „La Reial Societat de Tennis Pompeia“ во Монжуик, дел од каталонската престолнина Барселона, содржи писмена обврска од Решак.
„Во Барселона, на 14-ти декември 2000 година, во присуство на господата Мингела и Хорасио, Карлес Решак, спортски директор на ФК Барселона, со ова се согласува, под своја одговорност и без оглед на какви и да се спротивни мислења, да потпише договор со играчот Лионел Меси, под услов да се придржуваме до договорените износи“, пишува на салфетката.
Меси, кој оттогаш освои голем број титули, вклучувајќи ги Лигата на шампионите и Светското првенство, имаше само 13 години кога се приклучи на академијата на Барселона, минувајќи од аргентинскиот клуб Њуелс Олд Бојс. Светскиот шампион во 2021 година ја напушти Барселона и мина во Пари Сен Жермен, чиј дрес минатата година го замени со Интер Мајами и со тоа стана најголемата ѕвезда на американската МЛС.