Советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џејк Саливан, се сретнал во неделата со Андриј Ермак, од кабинетот на украинскиот претседател Владимир Зеленски, во Истанбул и му ветил „непоколеблива“ поддршка од Вашингтон на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Двајцата политичари разговарале за ситуацијата во нуклеарната централа во Запорожје која е под контрола на руската војска, како и за натамошната соработка на Украина со Обединетите нации во извозот на храна, изјави Адриен Вотсон, портпаролка на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
Ермак за средбата извести во објава на Telegram платформата, наведувајќи дека ја цени воената поддршка од САД, како и дека двете страни разговарале за натамошната воена помош.
Истакнува дека „одлуката на Кремљ да ги признае референдумите во привремено окупираните региони бараат итна и соодветна реакција на светската заедница“.