Салмонела пронајдена во киндер-јајца, од маркети во Велика Британија повлечени цели серии

Повеќе серии чоколадни киндер-јајца се повлечени од продажба во Велика Бријатија поради откриени 63 случаи на салмонела, главно кај мали деца. Агенцијата за безбедност на храна (FSA) соопшти дека сите јајца се произведени во иста фабрика во Белгија. На луѓето им се препорачува да не ги јадат оние од 20 грама или пакувања од три парчиња кои се со рок на траење помеѓу 11 јули и 7 октомври 2022 година.
Производителот на чоколади „Фереро“ рече дека ниту еден од неговите производи „Киндер “ не бил позитивен на салмонела. „Ние ги сфаќаме прашањата за безбедноста на храната многу сериозно и искрено се извинуваме за тоа“, се вели во соопштението на компанијата.
Не се пријавени смртни случаи, а повеќето од 63 случаи на салмонела се појавиле меѓу деца на возраст од пет години. Наводно се пријавени неколку случаи во Европа, вклучувајќи ги Ирска, Франција, Германија, Шведска и Холандија.
FSA соопшти дека „Фереро“ доброволно ги повлекува производите како мерка на претпазливост и тесно соработува со властите за безбедност на храната за да ја открие точната причина за избувнувањето на инфекцијата со салмонела. Се верува дека другите производи на „Киндер“ се неконтаминирани, додава FSA.
Агенцијата објави дека истрагите на јавно-здравствените власти „пронашле врска помеѓу пријавените случаи на труење со салмонела низ Британија и специфичен производ на „Фереро“.
„Знаеме дека овие производи се популарни кај малите деца, особено кога се приближува Велигден, затоа ги повикуваме родителите и старателите да го проверат рокот на траење на производите наведени на пакувањето“, додаде Тина Потер од FSA.
Др. Лесли Ларкин од Британската агенција за здравствена безбедност рече дека симптомите на салмонелота, кои може да вклучуваат дијареа, грчеви во стомакот, гадење, повраќање и треска, „обично исчезнуваат сами по себе во рок од неколку дена“. Таа додаде дека тие може да бидат посериозни, особено кај малите деца и оние со ослабен имунолошки систем и дека секој засегнат треба да го контактира својот матичен лекар или брза помош.
Салмонелата може да се пренесе од човек на човек, па д-р Ларкин ги советува сите со симптоми, да ги мијат рацете темелно и да избегнуваат да ракуваат со туѓа храна.