Италија нема да се согласи на договор според кој ќе прима мигранти назад од Германија, се додека ЕУ не преземе активности за заштита на своите надворешни граници и не почне да го дели товарот на миграцијата, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини.
По средба со германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, Салвини изјави дека овие услови мора да се исполнат, инаку Италија нема да прифати ниту еден мигрант.
И покрај цврстиот став на Салвини, Зехофер изрази надеж дека до крајот на јули или почетокот на август ќе биде постигнат договор за враќање во Италија на барателите на азил, кои прво се регистрирале таму.
Салвини рече дека двајцата имаат заедничка цел, помалку бродови што пристигнуваат, помалку загинати, помалку мигранти како во Италија, така и во Германија.
Средбата се одржа во пресрет на состанокот во австриски Инсбрук на министрите за правда и внатрешни работи од ЕУ, на кој, меѓу другото, ќе се разговара и за миграцијата.