Самарас: Ципрас сите ги лажеше и на крај ја банкротира Грција

Самарас поднесе оставка!

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија Нова демократија Андонис Самарас, остро го критикуваше премиерот Алексис Ципрас обвинувајќи го за затворање на банките во Грција, јави дописникот на МИА од Атина.

– Тој немаше храброст да признае дека тој е оној кој потпиша затворање на банките и не се осмелува да признае дека поднел предлог за штедење, сличен на оној на кредиторите на Грција, рече Самарас во кусо телевизиско обраќање.

– Владата сите ги лажеше и на крајот ја банкротира земјата. Оставени сме да висиме и ги изгубивме 35-те милијарди евра од фондовите на ЕУ, кои беа наменети за нашата земја по жртвите кои ги поднесоа нашите луѓе, рече лидерот на Нова демократија, додавајќи дека сега Ципрас „моли за нов меморандум, а со месеци тврдеше дека нема да потпише ниту еден“.

Самарас истакна дека Грција во моментов е во најлоша позиција во последната деценија, без европска безбедносна мрежа и со затворени банки, а има и проблеми со исполнување на основните обврски кон граѓаните.

Тој рече дека земјата не е изолирана од своите партнери и ги повика Грците да гласаат „да“ на референдумот во недела.