Грчкиот премиер Андонис Самарас во интервју за весникот „Катимерини“ категорично ги отфрлил гласини за формирање на друга Влада во рамките на сегашниот Парламент и ја исклучил веројатноста за „тројни избори“, национални, општински и евроизбори, во земјата во мај догодина.
„Сметам дека сите овие сценарија и гласини имаат цел да предизвикаат политичка аномалија“, посочува Самарас, нагласувајќи дека главен приоритет за неговата Влада останува непречено да го доведе до крај излегувањето на Грција од кризата.
Самарас нагласува дека одлуката за решавање на грчкиот долг треба да биде донесена од партнерите на Грција најдоцна до пролетта 2014 година.
Премиерот посочил дека постојат разлики во ставовите со Тројката меѓународни кредитори, Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд , но нагласил дека неговата коалициска Влада нема да потпишува со нив нов меморандум за заем.
„Не се занимавам со оние кои делуваат во темница , јас сум политичар на светло“, вели уште Самарас.
Лидерот на грчките конзервативци и премиер, остро го критикуваше лидерот на главната опозициска партија, радикалната левица СИРИЗА, Алексис Ципрас, истакнувајќи дека денес тој е најголемиот непријател на земјата.