Самарас: Политичкото прашање е како да се ослободиме од Договорот од Преспа без да ја платиме цената

Самарас поднесе оставка!

Политичкото прашање е како ќе се ослободиме од Договорот од Преспа, без да ја платиме цената, порача поранешниот грчки премиер Андонис Самарас при неговото обраќање на 13-от Конгрес на владејачката Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина.

 – Политичкото прашање е како ќе се ослободиме, без да ја платиме цената. И ова не е лесно, бидејќи не може да се случи преку ноќ, бидејќи станува збор за договор што не оди напред, ниту внатре, ниту надвор, ниту на Балканот, ниту во Европа. Го разбирам она што го кажува премиерот дека не можеме да се ослободиме од овој договор преку ноќ, бидејќи така сакаме. Но, и не можеме да разубавуваме еден договор што ние самите го имаме негативно оценето како штетен и неприфатлив и што не оди напред. Засега, ние мора да ја заштитиме Грција од негативните последици од договорот, да ги искористиме сите проблеми што ги создава и сите негови слабости, а пред сè, да ја зајакнеме Грција и нејзината преговарачка позиција, за потоа да можеме да постигнеме, земјата да биде оправдана, целосно оправдување на Македонија и нејзиниот грчки карактер, од кое не се откажуваме и немаме право да се откажеме, рече Самарас и изнуди аплауз од присутните на конгресот на Нова демократија.

Поранешниот грчки премиер коментира дека и во пракса се покажало дека е штетен и неприфатлив договорот, а Грција во Преспа „призна иредентизам што создава проблеми и со други земји во регионот“.

– Грција даде сè од старт и име и признавање на националност и признавање на јазик, а Скопје вети дека ќе направи некои отстапки во иднина, доколку оди напред нивната интеграција во Европа. Но, тоа не зависи ниту од нас, ниту од Скопје. Впрочем може други земји да стават вето. И тоа се случи. Франција, Холандија и Данска ставија вето, а Бугарија поставува сериозни проблеми за признавањето на таканаречениот македонски јазик. Па така, останаа само нашите целосни отстапки што беа направени на почетокот. А скопските идни обврски висат. Некои ни велеа дека ако го ставиме Скопје во НАТО, ќе го стабилизираме. Но, овде е чудното откако Скопје влезе во НАТО, започнаа сомнежите за самото НАТО, рече поранешниот грчки премиер и се запраша „кој ќе го стабилизира самото НАТО?“.