Самит на Кина и САД во Женева на тема вештачка интелигенција

Високи претставници на Соединетите држави и Кина ќе се сретнат во Женева во вторник за да разговараат за напредната вештачка интелигенција, објавија американските власти.

Владата на американскиот претседател Џо Бајден се обидува да се ангажира со Кина за голем број прашања со цел да ги намали тензиите меѓу двете земји, пишува Reuters.

Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја развија темата за вештачката интелигенција во април во Пекинг, каде што се согласија да ги одржат првите формални билатерални разговори на оваа тема.

Стејт департментот бара од Кина и Русија, како и САД, да усвојат декларации дека само луѓето, а никогаш вештачката интелигенција, ќе носат одлуки за употреба на нуклеарно оружје.

„Ова е прва средба од ваков вид. Затоа, се надеваме на разговори за низа ризици, но во овој момент не би предвидувале ништо конкретно“, рекол владин претставник пред средбата, на прашањето дали САД ќе го истакнат прашањето за нуклеарното оружје.

Брзиот напредок на Кина во вештачката интелигенција во цивилниот, воениот и безбедносниот сектор често ја поткопува безбедноста на САД и нивните сојузници, рекол претставникот кој сакал да остане анонимен, додавајќи дека разговорите ќе му овозможат на Вашингтон директно да разговара за овие прашања.

Официјалниот претставник нагласи дека разговорите нема да се занимаваат со обиди за соработка во областа на вештачката интелигенција и дека американските мерки за заштита на технологијата не се предмет на преговори.

Reuters претходно објави дека администрацијата на Бајден планира да ја заштити американската технологија којашто стои зад моќните „чет-ботови“ како ChatGPT да не падне во рацете на земји како Русија или Кина.

Друг американски функционер рекол дека Вашингтон и Пекинг се натпреваруваат да ги обликуваат правилата за вештачка интелигенција, но дека се надеваат дека некои од правилата ќе бидат усвоени од сите земји.