Самит Путин, Рохани и Ердоган: Се подготвува провокација со хемиско оружје

Рускиот претседател, Владимир Путин на отворањето на трилатералниот самит меѓу Русија, Турција и Иран, во Техеран, предупреди дека терористите во Идлиб подготвуваат провокација со употреба на хемиско оружје. Тој нагласи дека сириската власт има право да воспостави контрола над целокупната територија на државата, истакнувајќи дека за време на борбите против терористите мора да се биде претпазлив заради големиот број цивили во критичното подрачје.

Иранскиот претседател, Хасан Рохани, изјави дека Русија, Турција и Иран успеале да го запрат тероризмот во Сирија и да го задушат неговото проширување низ регионот.

Свое излагање имаше и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, кој рече дека Турција ќе продолжи да биде воено присутна во Сирија за да избегне какви било ризици на сопствената територија. Тој оцени дека е возможно терористите од Идлиб, кои што ја напаѓаат руската база Хмејмим, да бидат елиминирани, како и другите терористички групи во регионот. Со таквите наводи се согласи иранскиот претседател, Рохани кој додаде дека е неопходно да се преземат дополнителни чекори за конечна победа над тероризмот во Сирија.

Турскиот претседател најави дека следниот самит на лидерите на Русија, Турција и Иран ќе се одржи во Русија.