
Преговорите за Сирија на коишто ќе учествуваат рускиот, иранскиот и турскиот претседател се планираат на почетокот од 2019 година, изјави во петокот висок руски дипломат во заднината кога САД се подготвуваат за целосно воено повлекување од оваа блискоисточна земја.
„Нас ни е редот да бидеме домаќини на средбата на врвот на трите земји покровители на коишто ќе учествуваат турскиот, иранскиот и нашиот претседател. Договорено е да се одржи околу првата седмица во јануари. Тоа ќе зависи од временскиот распоред на претседателите“, изјави заменикот на рускиот министер за надворешни работи, Михаил Богданов.
Самитот е дел од мировните преговори во Астана на коишто од јануари 2017 година, без претставници на САД иако беа поканети, учествуваат претставници на владата во Дамаск и делегација на сириската опозиција. Се одржува под покровителство на Русија и Иран, кои се сојузници на владата на претседателот Башар ал-Асад, и Турција којашто поддржува одредени групации на сириските сунитски бунтовници. Трите земји се покровители на процесот од Астана со кој треба да се најде политичко решение на сирискиот судир. Нивната соработка доведе до формирање ткн зони на деескалација, односно прекин на огнот меѓу бунтовнички фракции и владините сили.
Турција и Русија во септември постигнаа договор со кој во северозападната покраина Идлиб се создаде демилитаризирана зона. Меѓутоа, џихадистичките групации како Исламската држава и Џебхат ан-Нусра, сега наречена Хајат фатих ал-Шам, односно сириското крило на Ал Каедам, го отфрлија овој договор и вршат напади и во соседната покраина Алепо, која е упориште на валдините сили.
Преговорите во Астана постепено во втор план ги потиснаа преговорите под покровителство на Обединетите нации кои не успеаја да изнајдат решение за војната во којашто од март 2011 година загинаа повеќе од 350.000 луѓе. Минатиот самит на тројцата претседатело се одржа во септември во Иран, кога се сретнаа Владимир Путин, Хасан Роухани и Реџеп Тајип Ердоган.
Турска делегација во којашто се министерот за внатрешни работи Мавлут Чавушоглу и министерот за одбрана Хулуси Акар треба во сабота да пристигна во Русија на преговори за Сирија во заднината на американското воено повлекување коешто минатата седмица го најави претседателот Доналд Трамп.