Самитот во Астана ќе повика на мултиполарен светски поредок, порача Путин

Шангајската организација за соработка (ШОС) ќе повика на „чесен мултиполарен светски поредок“ на самитот во Астана, во Казахстан во четвртокот, рече рускиот претседател Владимир Путин, користејќи израз насочена против хегемонијата на САД што тој остро ја осудува.

Дводневниот самит на Шангајската организација за соработка (ШОС – SCO), форум основан во 2001 година од Кина и Русија како гаранти на безбедноста во евроазискиот регион, беше отворен во средата во казахстанската престолнина Астана.

Покрај Русија и Кина, овој блок го сочинуваат поранешните советски републики во Централна Азија, како и Индија и Иран.

Во завршната заедничка изјава, земјите-членки ќе ја истакнат својата „заложба за создавање чесен, мултиполарен светски поредок заснован на клучната улога на Обединетите нации, меѓународното право и аспирациите на суверените држави кон заемно корисно партнерство“, рече Путин на отворањето на пленарната седница.

За Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг, овој „мултиполарен“ свет е алтернатива на американската хегемонија во светот, што и двајцата лидери ја осудуваат.

По руската инвазија на Украина, Путин во голема мера ги насочи напорите да ги обедини земјите од Азија, Африка, Блискиот исток и Латинска Америка околу оваа идеја.

Досега ШОС имаше девет членки, Кина, Индија, Иран, Русија, Казахстан, Киргистан, Узбекистан, Пакистан и Таџикистан. Во четвртокот, Белорусија се приклучи на ШОС како десетта членка.

На минатогодишниот виртуелен самит, групата објави изјава во која го критикуваше, како што рече, негативното влијание на „едностраното и неограничено проширување на глобалните системи за ракетна одбрана од страна на одредени земји или групи земји“, без директно да го спомене проширувањето на НАТО или западната воена помош за Украина.