Исплатата на регресот за годишен одмор, или популарниот К-15, сѐ уште не е легнат на сметка кај поголем дел од работниците. Последните податоци покажуваат дека од вкупно 300.000 работници во приватниот сектор, К-15 им е исплатен само на околу 10.000 вработени, пишува „Република“.
Од деловните асоцијации ги охрабруваат компаниите да најдат начин на своите вработени да им префрлат регрес за годишен одмор. Kако што се договорија на крајот на минатата година, Организацијата на работодавци и Сојузот на синдикатите на Македонија, износот треба да изнесува најмалку 40 проценти од просечната нето-плата во земјава, или 8.500 денари, еднаш во годината. Ова е минимален износ, а дадено е правото работодавците да исплатат и поголем износ, ако го дозволува тоа финансиската кондиција на компанијата. Ова право се вгради во последните измени на Општиот колективен договор за стопанството, кои влегоа во сила од 1 јануари годинава, а имаат важност од две години. Во согласност со нив, надомест ќе може да земат само тие лица што работат кај ист работодавец најмалку шестмесеци во една календарска година.
Според Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија,малверзациите со исплатата на К-15 се незаконски и треба да бидат пријавени од страна на работниците.
На работникот,чијшто газда нема да му исплати K-15,му остануваат неколку можности за да го оствари ова свое право.
-За неисплаќање на регресот за годишен одмор, работодавецот ќе треба да плати казна од 1.000 до 4.000 евра, по лице. Згора на тоа, по плаќањето на казната, работодавецот секако ќе мора да му исплати на вработениот најмалку 8.500 денари. Ако не го направи тоа, работникот, под закрила на ССМ, има право да го тужи. Со оглед на тоа дека законот предвидува исплата на К-15, се работи за однапред добиен судски спор во полза на работникот, по што неговиот работодавец ќе мора да ги исплати и регресот и судските трошоци
Работодавците велат дека ќе исплатуваат К-15, бидејќи законски се обврзани да го направат тоа, но негодуваат бидејќи им се наметна нов трошок.
– Ова не е добредојдена мерка и претставува непланиран трошок за компаниите. Овој договор не е постигнат со целото стопанство и сметаме дека не е начин на кој треба да се изрази и награди задоволството на работодавецот од работниците. Сепак,начинот на наградување на работниците требаше да се остави на слободната волја на компаниите бидејќи, сепак, тие најмалку 40 проценти од просечната плата во земјава се непредвиден трошок за компаниите, кој не е влезен во бизнис-плановите за годинава –сметаат бизнисмените.
Според нив, тоа ќе ги оптовари фирмите со трошоци, но нема да го изиграат законот бидејќи казните се големи.
Од Стопанската комора на Македонија, каде што се здружени големите компании, не очекуваат исплатата на К-15 да предизвика финансискооптоварување, а, од друга страна, пак,сметаат дека регресот за годишен одмор ќе претставува стимул за работниците.
За регресот за годишен одмор во јавниот сектор ССМ е во фаза на преговори, но засега сѐ уште немадоговор. Од сегашниот тек на преговорите, според претседателот на ССМ,Живко Митревски, владата е со став дека исплатата на К-15 за вработените во јавната и во државната администрација ќе зависи од буџетските средства со кои располага, пишува „Република“.