Договорите за тоа што да се прави со имигрантите на јужната граница на Германија, кои беа причина за тешките спорови кои минатата година можеа да ја соборат владата во Берлин, резултирале со само 11 лица кои се вратени во земјите од кои влегле на германска територија.
Германското министерство за внатрешни работи одговорило за агенцијата DPA дека врз основа на билатералните договори потпишани ланскиот август со Грција и Шпанија, девет лица се вратени во првата а две во втората земја.
Договор е потпишан и со Италија. „Во врска со политичкиот договор со Италија, досега нема никакви новини“, додале од министерството.
Враќањето на имигрантите во Италија од другите земји, дури и доколку Рим е одговорен, е чувствителна тема имајќи го предвид силниот антиимигрантски став на новата италијанска влада, во прв ред на министерот за внатрешни работи Матео Салвини, кој е челник на владејачката десна партија Лига.
Германските Слободни демократи ги прогласија овие договори за пропаднати. „Договорите досега се само збир од критериуми за исклучувања и поради тоа се неефикасни“, рече партиската портпаролка за миграциска политика во Бундестагот, Линда Теутенберг, за медиумската гупација Funke Media Group за изданието коешто ќе биде објавено во понеделник.
Според прописите на ЕУ, лицата кои бараат азил тоа треба да го сторат во првата земја во којашто ќе влезат. Последните години, меѓутоа, бидејќи масовните доаѓања ги надминаа капацитетите за прием на имигрантите на земјите како Италија и Грција, се покажа дека тешко може да се применуваат овие прописи. Резултат на тоа е што многу имигранти нерегистрирани минаа во Германија и другите богати северни земји на ЕУ.
Минатата година германската канцеларка Ангела Меркел избегна пад на нејзината влада, ветувајќи му на традиционалниот коалициски партнер баварската Христијанско-социјална унија (CSU), дека ќе ја прекине оваа практика, постигнувајќи договори за враќање на имигрантите во земјите во кои првпат се регистрирани.