Само 12 камиони дистрибуираа храна и вода во северниот дел на Газа за два ипол месеци, соопшти во неделата хуманитарната организација Oxfam со седиште во Лондон, алармирајќи поради влошувањето на хуманитарната ситуација во опколената област.
„Од бедните 34 камиони со храна и вода на кои им беше дозволено да влезат во северниот дел на Појасот Газа во изминатите 2,5 месеци, поради намерно одложување и систематска опструкција од страна на израелската војска, само 12 успеаја да дистрибуираат помош за гладните палестински цивили“, соопштија од Oxfam во писмена изјава, а таа бројка вклучува и испораки до саботата.
„Во случајот на три од испораките, откако храната и водата беа доставени до училиштето каде што луѓето се засолниле, следеше гранатирање за неколку часа“, додаваат од Oxfam.
Израел, кој со децении ригорозно ја контролира помошта што влегува на територијата под власт на Хамас а особено од избувнувањето на војната ланскиот октомври, ја обвинува, како што вели, неможноста на хуманитарните организации да обработат и дистрибуираат големи количества помош.
Во извештајот фокусиран на водата во четвртокот, Human Rights Watch со седиште во Њујорк ги детализираше намерните и систематски акции на израелските власти да ги лишат жителите на Газа од вода, што „веројатно предизвика илјадници смртни случаи … и најверојатно ќе продолжи да предизвикува смрт“ на луѓето таму.
Ова се само последните во серијата обвинувања упатени против Израел, кои земјата ги негира, за време на нејзината 14-месечна војна против палестинската група Хамас.
Oxfam соопшти дека таа и другите меѓународни хуманитарни групи „континуирано биле спречени да доставуваат спасувачка помош“ во северниот дел на Газа од 6 октомври оваа година, кога Израел го засили бомбардирањето на територијата.
„Се проценува дека илјадници луѓе сè уште се отсечени, но со блокиран хуманитарен пристап, невозможно е да се знаат точните бројки“, соопшти Oxfam.
„На почетокот на декември, хуманитарните организации кои помагаат во Газа добија повици од ранливи луѓе заробени во домови и засолништа целосно без храна и вода“, се додава.
Oxfam го истакнува случајот со испораката на помош во ноември, која беше прекината од израелските власти.
„Конвој од 11 камиони првпат беше задржан од израелската армија во Џабалија минатиот месец, каде што гладните цивили земаа храна“, се вели во извештајот.
„Откако добија зелено светло да продолжат до нивната дестинација, камионите беа запрени на воен контролен пункт. Војниците ги принудија возачите да ја растовараат помош во милитаризирана зона, до која очајните цивили немаа пристап“, додаваат од Oxfam.
Генералното собрание на ОН во четвртокот со големо мнозинство ја одобри резолуцијата со која се бара од Меѓународниот суд на правдата (МСП) да ја потврди усогласеноста на Израел со меѓународните обврски да им помогне на Палестинците.