Само 20 од 152 хеликоптери на Бундесверот се подготвени за лет

Само 20 хеликоптери на германските вооружени сили од 152 летала се подготвени за летови, што негативно влијае на планот за обуката на нови пилоти, пишува во четвртокот весникот Bild повикувајќи се на доверлив извештај на Бундесверот.

Според написот, подготвени за користење се само осум хеликоптери од моделот „Tiger“ од вкупно 53, како и 12 транспортни хеликоптери од моделот „NH90“ од вкупно 99 летала. Причината за тоа, според извештајот на кој се повикува Bild, e поради тоа што компанијата „Airbus Helicopters Deutschland“ неуспева навремено да спроведе технички прегледи на леталата.

„Катастрофалната ситуација со подготвеноста на ‘Tiger’ влијае врз обуката на пилотите. Неодговорно е да се дозволува ваквата состојба“, изјавил претседателот на пратеничката група во Бундестагот на опозициските Зелени, Тобијас Линднер.

Неименуван експерт за весникот истакнал дека одговорноста паѓа и на германските вооружени сили.

Информациите за лошата состојба на материјално-техничката база на германската армија се појавуваат често последните години. Така, весникот Rheinische Post во 2018 година објави дека војската го нема потребниот број заштитни елеци, шатори, како и комплетирана зимска опрема, кои се неопходни за исполнување на задачите во напредната офанзивна група на НАТО – Spearhead forces (Остри копја).

Весникот Die Welt, пак, пишуваше дека германската армија имала недостиг од борбено оспособени тенкови за операциите во мисијата Spearhead forces. Според весникот, во 9-та тенковска бригада минатата година во строј биле само 9 од 44 тенкови од моделите „Leopard 2“ и „Leopard 3“ и 14 гасенични оклопни пешадиски возила „Marder“. Причините за очајната состојба, според весникот, бил недостиг од резервни делови и преколемите трошоци за нивното одржување.

Од своја страна, генералниот инспектор на Буднесверот, Еберхард Цорн во јануари 2019 година изјави дека дефицитот во кадровскиот состав на германската армија изнесувал меѓу 12 и 15 отсто. Во август минатата 2019 година, комесарот на парламентарната комисија за одбрана Ханс-Петер Бартелс, пак, ја критикуваше воена флотила. Според него, воено-поморските сили никогаш „не биле помали, отколку сега“.

Исто така ланскиот август, беше објавено дека 42 отсто од пилотите на германските воздухопловни сили минуваат недоволно часови во летање, со што се нарушуваат правилата на НАТО. Алијансата, имено, препорачува пилотите да имаа 180 часа тренажни летови во годиниата. Во Германија таа норма ја испполнуваат само 58 отсто, односно 512 воени пилоти од вкупно 875 летачи. Причината за тоа, според весникот Bild, е во недостигот од воздухопловни средства.