Само дел од компаниите најавиле дека до 15-ти мај ќе ги задржат гарантираните цени

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи очекува дека е создаден ред со цените на храната по завршувањето на мерката „гарантирана цена“ откако дел од компаниите најавија дека ќе ги задржат гарантираните цени до 15 мај годинава. Укажува дека системското решение е законот за забрана на нефер трговски практики што денеска е на пленарна седница во Собранието.

-Првите реакции на стопанствениците минатата недела беа позитивни, за охрабрување, и рекоа поради тоа што сакаат да бидат општествено одговорни ќе ги задржат истите замрзнати цени до 15 мај. Тоа се неколку компании и тоа е охрабрување дека сепак наспроти се’ што се случуваше во изминатиот период кога нема нарушување на вредносниот ланец, дека стопанствениците знаат да бидат општествено одговорни и да не прават притисок кон крајните корисници. Секако, законот е системско решение, кое што сме го немале и го нема никаде во Европа. Тоа е ново решение според ЕУ-директивите и мислам дека конечно ќе го означи правиот пат кој сите го бараме, а тоа е патот кон европската интеграција, рече Битиќи.

Државниот пазарен инспекторат, потсети тој, прави надзор и контроли и кога ќе воочи недоследности што се спротивни на законските одредби соодветно постапува, а веќе се издадени две глоби на два супермаркета.

-Сите ја научивме лекција дека заеднички треба да се бориме против феномените во криза и дека сме доблесни да правиме и да креираме политики и мерки на начин како што прилега на европска земја, изјави Битиќи, по посета на домашна компанија корисник на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.