Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска го претстави новиот нацрт текст на Законот за надворешни работи. Со овој Закон, според министерот, се воведува нов систем на вработување, на оценување и нов начин на унапредување на дипломатите.
Документот е јавно достапен од денеска и Османи очекува во еден консултативен процес многу брзо да влезе низ владините процедури и да биде усвоен во Собрание.
Тој на денешната прес-конференција посочи дека со овој Закон се намалуваат дискрециските права на министерот.
– Ако во сегашното законско решение министерот ги назначува директорите без некоја посебна процедура во Министерството, во новиот Закон предвидуваме Комисија која ќе рангира дипломати кои исполнуваат одредени критериуми кои ќе му бидат предложени на министерот за да избере од нив директор на одредени директорати – рече шефот на дипломатијата.
Тоа според Османи е нова квалитет во давање на сила на професионална дипломатија и во водење на полтики во Министерството за надворешни работи.
Исто така, се воведува нова позиција генерални директори кои ќе раководат со две или повеќе директорати, но факт е според Османи, дека се намалува можноста на министерот директно да ги назначува директорите во МНР.
Со овој Закон, во однос на шефовите на ДКП се зацврстува решението дека само државјани на Република Северна Македонија можат да бидат избрани за шефови на ДКП, односно за амасадори.
Исто така, се поставува лимит од 75 проценти од амбасадори да бидат од Министерството за надворешни работи, однсосно професионални дипломати на сметка на политички номинирани дипломати, поточно тие кои доаѓаат од општествениот живот. Ова според Османи е крупен исчекор бидејќи значитено ќе се професионализира службата.
Во овој дел како што рече тој, се воведува концептот на економската дипломатија, односно посебна служба на економски советници кои ќе бидат деташирани во ДКП а кои шпто ќе работат во функција на промовирање на економските потенцијали на земјата, но и на привлекување на странски инвестиции.
Османи посочи дека за овој нацрт закон се консултирани бројни институции. Консултирани се синдикатите во Министерството за надворешни работи, и според него, ова е добра основа за откако ќе ги помине сите филтри на системот, да биде усвоен во Собранието.
– Законот ги реуглира јасно и прецизно надлежностите на чинителите во надворешната политика , вклучувајќи го тука претседателот на државата, Собранието, Владата, министерот за надворешни работи, Министерството за надворешни работи, но исто така го прецизира и односот помеѓу нив, комуникацијата меѓу нив, со цел полесно да се создаде една усогласена кохерентна надворешна политика, која ќе биде основа за да ја промовираме државата како сериозен и кредибилен партнер на меѓународната заедница, рече Османи.
Досега, како што додаде, имало само еден хибриден микс меѓу дипломати и административни службеници кои беа изгубени во лавиринтите на дипломатските звања и во административните звања.
-Правиме јасна дикстинција за дипломатите, тоа ќе биде посебна категорија која што низ посебен систем ќе се вработуваат во Министерството, но ќе унапредуваат во кариерата или ќе бидат ангажирани на одредени задачи низ КДП или овде во Министерството, во административно техничките служби. Идејата е да продолжат да функционираат согласно Законот за администрација и начините на кои ги регулира Законот за администрација, меѓутоа дипломатите да се издвојат од тој систем и да се решаваат врз основа на Законот за надворешни работи, рече Османи.
Според Османи, ова е клучен исчекор што ќе овозможи создавање на една професионална дипломатска служба што ќе биде регулирано со Законот за надворешни работи.