Само Шилегов, Министерството за транспорт и Државни патишта дале 20 милиони евра на тендери а ги кријат договорите

Министерства, јавни претпријатија и општини потрошиле милиони евра наши пари преку крајно сомнителни тендерски постапки, истакна на денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Пратеникот потсети на ден претходно опозицијата објави дека институциите на власта предводена од СДСМ во изминативе четири години склучиле договори во изност од 200 милиони, за кои подоцна не ги испочитувале законите и не го објавиле договорот и сумата на страницата на Бирото за јавни набавки, иако на тоа обврзува законот.

„Според информациите кои дојдоа до нас, (градоначалникот на Скопје) Петре Шилегов во изминатиов период склучил неколку договори во вкупна вредност од 800.000 евра, без притоа истите да ги објави на страната на Бирото за јавни набавки. Што крие Шилегов и зошто не се објавени овие договори?“, рече Стојаноски.

Додаде дека, исто така, постојат сознанија дека Министерството за транспорт и врски во изминативе две години склучило склучило договори во вкупна вредност од 297.000.000 денари, односно околу 5 милиони евра, за кои не е испочитуван законот и не ги објавило на увид на јавноста и праша што криеле министрите за транспорт и врски поставени од премиерот Зоран Заев.

„Имено тие на 17.12.2019 склучиле договор за изградба на фекална канализација во Визбегово во износ 147.000.000 денари и не го објавиле. Што има спорно во овој договор и зошто не е објавен? Што сакале овие луѓе да сокријат? Истото министерство на 10.12.2019 склучило договор во износ од 105.000.000 денари за изградба на фекална канализација во Арачиново, и тој договор не е објавен“, прецизираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Стојаноски посочи дека идентично однесување е забележано и во работењето на Јавното претпријатие за државни патишта, кое во изминативе година ипол склучило пет договори, за кои постои сомнеж за злоупотреби и прикривање во вредност од 863.570.000 денари, односно нешто над 14 милиони евра.

Повикувајќи се на расположивата документација, Стојаноски предочи дека споменатата јавно претпријатие на 17-ти февраури минатата 2020 година склучило договор во износ од 127.500.000 денари, за санација на свлечиште на регионален пат Р1308 Претор – Маркова Нога, и договорот  не е објавен на страницата на Бирото за јавни набавки.

Според него, истото било направено и десетина дена претходно, кога на 24-тиа јануари лани склучиле договор во износ од 442.000.000 денари, за рехабилитација на автопат Куманово – Страцин, договор кој исто така е сокриен од јавноста.

„Што и зошто крие власта? И дали со необјавувањето на договорите кријат неправилности или местени постапки? Ги повикуваме ДКСК и ЈО веднаш да отворат случај и да се утврди зошто не е почитуван законот и дали станува збор за местење тендери?“, рече Стојаноски.