Самоопределување го оспори пред Уставниот суд на Косово доделувањето мандат на Хоти за нов премиер

Шефот на пратеничката група на Движењето самоопределување (ВВ), Реџеп Селими, заедно со потпретседателката на таа партија Арберие Нагавци, доставија барање до Уставниот суд на Косово за оценка на декретот со кој претседателот на државата Хашим Тачи денеска му го предложи на Собранието Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) за премиер на новата влада на земјата.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, според партијата предводена од вршителот на должноста премиер, Албин Курти, доделувањето мандат на Хоти од страна на Тачи претставува прекршување на Уставот.

Според толкувањето на ВВ, единствен начин да се избере нова влада, откако на онаа предводена од нејзиниот лидер Курти на 25 март ѝ беше изгласана недоверба, е организирањето нови парламентарни избори, кои би се одржале откако ќе помине пандемијата на Ковид-19.

Шефот на пратениците на ВВ, Селими, откако го предаде барањето во Уставен суд, изјави дека Тачи намерно го одбрал денешниот ден за објавување на декретот за новиот мандатар, затоа што утре е неработен ден поради празникот 1 Мај, а потоа настапува викенд.

– Претседателот се погрижи да ги затекне и Уставниот суд и администрацијата на одмор поради службениот празник и викендот, изјави Селими.

Потпретседателката на ВВ Нагавци информира дека од Уставниот суд е побарана и времена мерка на забрана на извршување дејствија кои произлегуваат од декретот на Тачи.

Претседателот Тачи му го додели попладнево на потпретседателот на ЛДК Авдулах Хоти мандатот да ја формира новата влада, нагласувајќи дека тоа е согласно неговите уставни и законски надлежности како претседател на државата.