Преку програмата Самовработување на лица со инвалидност ќе бидат вработени 360 лица. Од нив 120 лица со инвалидност ќе креираат сопствен бизнис и 240 невработени ќе се вработат во новоформираните претпријатија.
За реализирање на оваа програма Владата предвиде 59,28 милиони денари, а право на учество имаат сите невработени со инвалидност.
Целта е да се зголемат вработеноста и можностите на пазарот на трудот за невработените од оваа категорија граѓани.
Наредните 30 работни дена сите заинтересирани за програмата Самовработување на лица со инвалидност ќе можат да поднесат апликација во Агенцијата за вработување. Оние лица кои не се во евиденција, истиот ден кога ќе се пријават за активни баратели на работа, ќе можат да поднест апликација за оваа мерка.
Сите учесници во програмата Самовработување на лица со инвалидност ќе стекнат право да добијат обука за претприемништво и развој на бизнис идеја и дел од нив ќе бидат избрани за поддршка за изработка на бизнис план. Невработените кои доставиле најдобри бизнис планови ќе добијат помош при регистрација на сопствен бизнис и грант од 310 илјади денари. Планирана е и индивидуална поддршка преку обезбедување континуирани консултантски и менторски услуги.
Кандидатите кои ќе презентираат одржлив бизнис план, кои имаат потреба од дополнителни вработувања можат да аплицираат за грант кој ќе поддржи самовработување на основачот на компанијата и дополнително вработување на најмногу две лица.
Во тој случај средствата на вкупниот грант ќе изнесуваат 494 илјади денари од кои 310 илјади денари за реализација на самовработување и отворање на бизнисот и 184 илјади денари за дополнителни две вработувања, или по 92 илјади денари по лице.