Фудбалерите на актуелниот англиски шампион Манчестер Сити беа изненадени од новакот во Премиер лигата Вулферхемптон кој на домашен терен успеа да освои бод, додека Арсенал ја оствари првата првенствена победа, и тоа со пресврт во дуелот со Вест Хем, а Ливерпул успеа да остане со стопроцентен по домашната победа над Брајтон енд Хоуѕв Албион.
Вулверхемптон во првиот меч од саботниот распоред на својот стадион „Молино“поведе со голот на Боли во 57 минута, додека израмни Лапорте во 69 минута. Сити во моментов е втор на табелата со седум бодови, додека Вулверхемптон е 13-ти со два бода.
Лондонските „Топчии“ ја забележаа првата првенствена победа под водство на Унаи Емери совладувајќи го пред своите навивачи Вест Хем Јунајтед со 3:1 (1:1). Гостите поведоа со голот на Арнаутовиќ во 25 минута, но Арсенал израмни пет минути подоцна преку Монреал. Домашните поведоа благодарејќи на несреќата интервенција на Диоп кој во 70 минута си постигна автогол, а победата ја потврди Велбек во втората минута од судиското продолжение. Арсенал со првите вкупно три бода моментално се искачи на 11-то место, додека Вест Хем е последен без бодови.
Особено интересно беше во Борнмут каде што истоимениот домашен клуб одигра 2:2 (0:0) со Евертон. Гостите поведоа со 2:0 со погодоците на Волкот во 55 и Кини во 65 минута, но Кинг во 74 минута од пенал и Аке во 79 минута успеаја да спасат бод. И двата тима со овој исход успеаја да останат непоразени по трите овосезонски кола, Борнмут во моментов е трет со седум бодови, а Евертон е осми со пет бодови.
Лестер Сити со 2:1 забележа гостинска победа кај Саутемптон иако домашните поведоа со голот на Бетранд во 52 минута, но веќе во 56 минута израмни Греј, а бодовите за гостите ги донесе Мегваер во втората минута од судиското продолжени. Лестер е седми со шест бодови, додека Саутемптон останува на 16-та позиција со само еден освоен бод.
Без голови заврши дуелот меѓу Хадерсфилд Таун – Кардиф Сити. За домашниот тим ова беше првиот бод во новото првенство и се на 16-то место, додека гостите дојдоа до вториот бод е се четири места погоре на табелата.
Во последниот саботен меч Ливерпул потешко од очекуваното минимално со 1:0 (1:0) ја оствари и третата победа во серија сезонава. Стрелец на единствениот гол беше Мохамед Салах во 23 минута. „Редсите“ имаа шанси да го зголемат водството, но исто така и Брајтон особено во последните минути имаше шанса да откине бод од „Енфилд“. Ливерпул е на чело на табелата со максимални девет бодови, додека Брајтон е 12-ти со три бода.
Во недела играат Вотфорд – Кристал Палас, Фулам – Барнли и Њукасл Јунајтед – Челзи, додека дербито на колото во понеделник ќе го играат Манчестер Јунајтед и Тотенхем Хотспур.