Сан Антонио поведе против Мајами, Леброн се повреди

Кошаркарите на Сан Антонио го добија првиот меч од финалната серија во НБА лигата против Мајами со 110:95. Победникот беше познат во последната четвртина, кога поради повреда играта мораше да ја напушти Леброн Џејмс. Во тој момент Мајами се уште водеше, но потоа играта на бранителот на титулата се распадна, па на крајот Сан Антонио стигна до убедлива победа.

Мечот во Тексас беше одигран во нехумани услови, бидејќи поради проблеми со системот за ладење, температурата во последната четвртина изнесувала и 32 степени.

Одличен кај Сан Антонио беше Тим Данкан со 21 поени и 10 скока. Леброн Џејмс го предводеше Мајами со 25 поени, а Бош имаше 18 поени и девет скока. Вејд дополни со 19 поени, а Ален остана на 16 поени.

Следниот меч во Тексас се игра во недела, а серијата потоа се сели на Флорида, каде ќе има два меча во вторник и во четврток.