Санчез без поддршка во шпанскиот парламент за левата коалициска влада

Мандатарот за состав на новата шпанска влада, досегашниот премиер Педро Санчез, не успеа во неделата да ја добие поддршката за формирање лева коалициска влада, па тоа ќе се обиде да го направи повторно во вторник во вториот круг од гласањето.

Неговатра Шпанска социјалистичка работничка партија (PSOE) победи на изборите во ноември, но не доби доволно гласови за самостојно да формира влада. Така, тоа би била прва коалициска влада на национално ниво во Шпанија во последните четири децени по воведувањето на демократијата, кога е усвоен сегашниот устав во 1978 година по падот на диктатурата.

Отако ја договори коалицијата со помалата левичарска групација Заедно можеме (Unidas Podemos) со која има вкупно 155 пратеници во парламентот со 350 мандати, на Санчез во првото гласање му беа потребни 176 гласови за да ја формира владата.

Во првиот круг од гласањето во неделата за левата каолиција на Санчез гласаа 166 пратеници, 165 беа против, а 18 се воздржаа од гласањето. Владата ја поддржаа левите партии, а против беа десните и некои регионални партии, додека двете најголеми партии поборнички за независност на Каталонија и Баскија се воздржаа од гласањето.

Во вторник ќе се одржи вториот круг од гласањето кога на Санчез нема да му бидат потребни 176 пратеници, туку само релативно мнозинство од оние кои ќе гласаат „за“ во однос на оние кои ќе гласаат „против“, без разлика на бројот на присутните пратенции.

По договорот да се воздржат од гласање 13-те пратеници на сепаратистичката Каталонска републиканска левица (ERC), и доколку го повтори истиот резутлат како во неделата, Санчез ќе добие нов четиригодишен мандат.