Санчез доби мандат за уште четири години на чело на Шпанија

Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез во четвртокот доби нов четиригодишен мандат на чело на Шпанија, откако 179 од 350 пратеници гласаа за неговата левичарска влада.

Санчез беше поддржан од левите и регионалните партии на Каталонија, Баскија, Галиција и Канарските oстрови. Pротив тоа беа 171 претставник на десничарската Народна партија (PP) и Глас (Vox).

Шпанија, која моментално претседава со Европската унија, по изборите одржани во јули доби нова влада, откако Народната партија поединично доби најмногу мандати но не успеа да обезбеди поддршка ниту за малцинска влада.

„Сакам да им се заблагодарам на сите политички групи за поддршката за добивање нов мандат и формирање коалициска влада“, рече 51-годишниот Санчез.

Со поддршка на други партиски групи и со 121 претставник на неговата Шпанска социјалистичка работничка партија (PSOE), тој ги надмина 176-те потребни гласови за формирање влада по отстапките на регионалните партии.

Објавувањето на Законот за амнестија, со кој се помилуваат активистите за независност за организирање на забранетиот референдум во 2017 година, со што се суспендираа гонењето, во последните денови доведе до улични протести.

Во четвртокот околу парламентот беа распоредени 1.600 полицајци кои ја обезбедуваа зградата додека пратениците гласаа за нов мандат на Санчез.

 

Договори со партнерите

Додека го подготвуваше законот за амнестија на организаторите на референдумот, Санчез одби да го прифати договорениот референдум за независност на Каталонија, постојано повторувајќи дека е против уставот на Шпанија, но се обврза да разговара за тоа.

Тој, исто така, се обврза на преговори за Каталонија да ги собира сопствените даноци и да управува со сопствената приградска железница. Ќе соработува и со каталонската влада за планот и олеснувањето на враќањето на компаниите во Каталонија, која ја напушти автономната покраина на североистокот, по тензиите што настанаа во 2017 година.

Санчез вети и дека Каталонија, со 7,5 милиони жители, ќе учествува подиректно во европските и другите меѓународни институции. Поради оваа причина, шпанската влада веќе испрати барање до Брисел каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик да станат официјални јазици на Европската унија, покрај веќе присутниот шпански јазик.

За да се исполнат сите услови, договорено е да се формира комисија во која треба да заседаваат и меѓународни претставници и која ќе го надгледува спроведувањето на договорот.

Со ова Санчез ја доби поддршката од 7 претставници на каталонската партија JxCAT, а исто така и 7 претставници на каталонската партија ERC. Таа партија, чиј член е каталонскиот премиер Пере Арагонес, вети дека ќе го намали долгот на Регионалниот фонд за ликвидност (FLA), кој е државен фонд кој дава заеми на регионите и нивните јавни претпријатија кога ќе се најдат во финансиски тешкотии. Долгот на Каталонија би бил намален од 73 милијарди на 58 милијарди евра.

Санчез му вети на националистичкиот блок на Галиција (BNG), левичарска партија која се залага за независност на северната провинција Галиција, да го намали таквиот долг за 20 отсто.Некои од вкупно 17 автономни покраини, кои исто така се обврзани, рекоа дека таквиот договор е неправеден.

Социјалистот ѝ вети на Баскиската национална партија (PNV), умерена централнодесничарска партија која поддржува но не инсистира на референдум за независност на Баскија, дека Баскија ќе добие статус на „нација“. Партијата на Санчез досега го блокираше воведувањето на овој статус во баскискиот регионален парламент. Баскија треба самостојно да управува со општествениот систем и на тој начин да добие поголема автономија.

Ова беше одобрено од левичарската партија EH Bildu, која бара референдум за независност на Баскија, каде живеат 2,2 милиони луѓе, но го поддржа Санчез.

Санчез вети поголема финансиска помош на регионалната партија на Канарските острови каде пристигнуваат многу емигранти од Африка.

Санчез го постигна првиот договор со неговиот сегашен коалициски партнер Сумар, група помали левичарски партии во која е вклучена и Подемос. Тој ги придоби нивните 31 пратеник со ветувањето дека ќе ја намали работната седмица од 40 часа на 37,5 часа без намалување на платите на работниците. Беше договорен и план за намалување на невработеноста кај младите, која е долгогодишен проблем во Шпанија. Најавено е и зајакнување на јавното здравје.

Санчез претходно изјави дека овие договори се „единствениот начин“ Шпанија да добие нова влада. Тој рече дека договорите ќе овозможат „соживот“ на сите Шпанци во различни делови на земјата.